„Победата на Зоран Милановиќ на претседателските избори во Хрватска му даде ветер во грб на сојузот на противниците на Брисел“ и ја зголеми поделеноста меѓу источните членки на ЕУ околу поддршката за Украина.“ – оцени германскиот портал „Евроинтелигенс“.
Германската новинска агенција ДПА смета дека ова е „срамен резултат“ за владејачката партија, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и за премиерот Андреј Пленковиќ, кој беше во голем конфликт со Милановиќ, бидејќи тој ја блокираше намерата на владата да ја зајакне воената помош за Украина. Милановиќ сметал дека оваа помош е „многу неморален начин за продолжување на војната со Русија“, истакнуваат од „Евроинтелигенс“ и додаваат дека „Пленковиќ е миленик на Брисел, кого Милановиќ го обвини дека е корумпиран“.
Како што се посочува, „Милановиќ ја критикуваше ЕУ и дека е недемократска, оти ја водат неизбрани функционери со менталитет ‘ако не си со нас, ти си наш непријател’, особено во однос на Украина.“
Францускиот весник „Фигаро“ истакнува дека хрватските граѓани гледале на Милановиќ како гарант за политичка рамнотежа „во време кога Хрватска има највисока стапка на инфлација во Европската унија, широко распространета корупција и недостиг на работна сила“.
Бриселскиот портал „Политико“ пишува дека „популистичкиот и проруски кандидат Милановиќ извојува убедлива победа“ на изборите во Хрватска и „го урна митот дека владејачката партија ХДЗ има многу лојална база“ меѓу граѓаните.





