Руте до Европејците: Повеќе пари за одбрана или почнете да учите руски

 

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги повика Европејците во понеделник да трошат повеќе за одбрана, велејќи дека во спротивно треба да научат руски или да одат во Нов Зеланд.



„Ако не го направите тоа, одете на курс по руски или одете во Нов Зеланд“, рече Руте во дискусија на заеднички состанок на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Поткомитетот за одбрана и безбедност и парламентарната делегација. за односите со НАТО, јави Политико

Руте истакна дека Европа мора да инвестира повеќе во одбранбените капацитети, да ја зајакне отпорноста и да продолжи да и помага на Украина.

„Ние знаеме како да ги заштитиме нашите граѓани и европскиот начин на живот, сега само треба да го направиме тоа“, рече Руте.

Тој додаде дека сегашната цел да се издвојат два отсто за одбраната не е ни приближно доволна. За да останат безбедни, сојузниците ќе треба да трошат значително повеќе за одбрана, рече Руте, додавајќи дека тој ќе треба да биде над три проценти од БДП, околу 3,6 или 3,7 проценти.

Тој предупреди дека иднината на Европа зависи од исходот на војната во Украина.

„Сакаме траен мир. Ако Путин тргне по својот пат, мирот нема да трае. Во моментов сме безбедни, но можеби нема да бидеме за пет години“, изјави Руте.

Тој предупреди дека е нереално да се размислува за европско НАТО без САД, велејќи дека ќе бидат потребни 10 до 15 години и ќе се потрошат меѓу 8 и 10 отсто од БДП за одбрана.

НАТО процени дека 23 од 32 членки ја исполниле тековната цел на трошење од два отсто од БДП во 2024 година.