Премиерот Мицкоски денес ќе ја пушти во употреба патната делница Градско-Дреново, долга 16,5 километри


Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја пушти во употреба делницата Градско-Дреново, како дел од експресниот пат Градско-Фариш. Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус еден километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат. Како што соопшти владината прес-служба, вредноста на проектот е 37,3 милиони евра, од кои 26,7 милиони евра се обезбедени преку ИПА-фондовите, а 10,6 милиони евра се обезбедени од државниот буџет. Делот, што се пушта во употреба, содржи три клучки Градско, Росоман, Дреново, четири вијадукти, еден мост, четири натпатници и три потпатници.

Минатата недела за време на посетата на општина Штип премиерот Мицкоски рече дека со пуштањето на првата делница од Градско до Фариш од експресниот пат Градско-Дреново ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола.
Целиот експресен пат се очекува да биде пуштен во март, со што ќе се заокружат 25-те километри.

Мицкоски најави дека продолжуваат и активностите на автопатот меѓу Прилеп и Битола. Се очекува за три години и тој да биде завршен.



Извор: МИА