Македонските превозниците како и оние од регионот, ќе се соочат со дополнителни трошоци и отежнато работење во земјите од Европската Унија, ако Европската комисија не гo прифати нивното барање да ги ослободи професионалните возачите од обврската да се придржуваат на ограничениот престој во земјите од Шенген зоната на 90 односно 180 денови, пишува Плусинфо. Унијата веќе еднаш го одби нивното барање за изземање за ограничен престој во Шенген зоната и им предложи професионалните возачи да аплицираат за продолжување на престојот во Шенген зоната што, пак, ќе значи дека ќе треба да добијат работна виза која подразбира вработување и обезбеден престој во Шенген зоната. На 15 јануари Европската комисија треба уште еднаш да расправа за барањето на превозниците од Балканот, Турција и од Молдавија кои бараат изземање од правилото за престој.

Основа за барањето на превозниците е тоа дека професионалните возачи кои возат во Шенген зоната не се патници, туку вршат дејност. Дополнително, сметаат дека патниот транспорт е дискриминиран од ЕУ во однос на останатите транспорти: бродскиот, авиосообраќајот и железничкиот, бидејќи тие се изземени од почитување на овој пропис. Превозниците се сомневаат дека со усложнување на процедурите се прави обид да се присилат возачите да ги затворат фирмите во сопствените држави и да се вработат во компаниите – превозници во Унијата кои остануваат без потребниот кадар за реализирање на транспортот. Тоа, велат ќе биде нов удар за македонските превозници кои претрпеа огромни загуби од загубата на рускиот и источниот пазар, поради санкциите.
- Нашите возачи управуваат со возилото или поточно вршат дејност, не се обични граѓани кои престојуваат во зоната за туризам, образование и слично кои треба да се придржуваат кон обврската да ја напуштат зоната во ограничениот период од 90, односно 180 денови. Застанувањето за товарење или истовар, како и работата поврзана со царинските формалности за стоката што се превезува, исто така, во никој случај не може да се смета за престој. Возачот не влегува со превоз на стока за да остане на Шенген територијата, туку за да ги исполни барањата на економиите на сите земји, вклучително и на земјите од Шенген. Практично, возач како кабинска екипа или екипаж на комерцијално возило секојдневно транзитира низ земјите на Шенген за да стигне до крајната дестинација која е или не е на Шенген територијата. Единствената цел на тоа патување е испорака и испраќање на стоката без никакви задоцнувања и одвојување од камионот. Ова е лесно да се види врз основа на фреквентните премини на надворешните граници на Шенген – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.
За превозниците е нејасно зошто Европската Унија ги дискриминира професионалните возачи во патниот сообраќај во однос на членовите на екипажите на бродскиот, железничкиот или авиотранспортот бидејќи останатите се ослободени од ова правило.
- За ова има повеќе причини, меѓу кои е и потребата од возачи во земјите на ЕУ која од 2015 година па досега е проценета на повеќе од 2.000.000 возачи, бидејќи толку во овој период треба да заминат во пензија заклучно со 2026 година. Информацијата е на ИРУ. Најверојатно некој одлучил да ги привлече возачите од Балканот и другите држави кои не се членки на ЕУ со зголемување на проблемите кои ги имаат при вршење на работните задачи (чекање на граница за влез во ЕУ, депортирање од државите ако имаат надминато 90 дена во 180 дена и примена на многу други нестандардни мерки), со што понудата за работа во земја од ЕУ е многу попримамлива од онаа која ја имаат во матичните држави – вели таа.
Според неа, со стапување на сила на системот ЕЕС (Entry – Exit System) кој е планирано да стапи во сила годинава, македонските превозници, но и од сите трети земји кои не се членки на ЕУ ќе останат без професионални возачи, бидејќи најголемиот дел од нив ќе заминат да работат во земјите на ЕУ што пак ќе значи згаснување на патниот транспорт во земјава. Повеќе на Плусинфо.мк.





