Машката ракометна репрезентација на Македонија ги совлада Зеленортски Острови со 27:26 во шестиот и последен контролен натпревар за претстојното 29. Светско првенство што ќе се одржи од 14 јануари до 2 февруари во Хрватска, Данска и Норвешка.
Африканската селекција го доби првото полувреме со 15:14, но „црвено-жолтите“ беа поснаодливи во финишот од мечот во кој селекторот Кирил Лазаров сокри дел од адутите за мундијалот, на кој Македонија ќе стартува против Унгарија в среда од 20:30 часот во Вараждин.
Два дена подоцна од 18 часот македонските ракометари во рамките на групата Д ќе ги одмерат силите со Холандија, а на 19 јануари исто така од 18 ч. ќе се сретнат со дебитантот Гвинеја.
Трите најуспешни национални тимови од групата ќе продолжат во втората групна фаза, во која за противници ќе ги имаат трите првопласирани од групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт.
Покрај Зеленортски Острови, Македонија во подготвителниот период ги совлада и хрватскиот суперлигаш Сесвете, како и српските Динамо Панчево и Нови Београд, а загуби од Србија и од Хрватска.






