Фетаи: ДУИ го деградира статусот на албанскиот преку штетни отстапки, со кои тој се ограничи на локален јазик, а македонскиот доби примат

„Вицепремиерот Арбен Фетаи преку реакција на општествените мрежи ја обвини ДУИ дека го деградирала статусот на албанскиот јазик во Македонија.“ извести весникот на албански јазик „Лајм“ пренесувајќи ја објавата на Фетаи на неговиот официјален фејсбук-профил. Инаку, претходно, во текот на денов ДУИ се огласи со соопштение, во кое изнесе тврдење дека, наводно, „премиерот Мицкоски имал намера и план да го деградира албанскиот јазик, за да му го врати вторичниот статус како што беше во законот за албанскиот јазик од 2008 година, кога тој се употребувал само на барање на Албанците и преку пополнување посебни формулари“.



Во својата реакција кон ДУИ вицепремиерот Фетаи напиша на фејсбук: „Оние кои го деградираа статусот на албанскиот јазик немаат морално право да зборуваат за него. Официјалниот статус на албанскиот јазик, здобиен со жртва и крв, ДУИ го деградираше со последователни штетни отстапки и компромиси. Овие постапки го симнаа албанскиот на рамниште на локален јазик, кој се користи според желбата на државните функционери. За тоа најдобро сведочи членот 3 од Законот за употреба на јазиците. Овој член, кој ја регулира официјалната комуникација, го воспоставува приматот на македонскиот јазик, а го ограничува албанскиот на локален јазик. Натаму, член 3 дозволува официјална комуникација исклучиво на македонски јазик, ако раководителот на институцијата, или неговиот заменик, не се Албанци. Значи, овој член ја утврдува делумната употреба на албанскиот јазик на географско рамниште, но и целосно го исклучува албанскиот јазик таму каде што нема  раководител-Албанец. Ова е вистинското лице на ДУИ: на власт, послушни слуги на македонските партии, кои се пазарат на сметка на Албанците; во опозиција се сезонски патриоти. Албанците веќе сфатија дека  нивниот опозициски „патриотизам“ е само пренасочување на вниманието на јавноста од криминалот и корупцијата, кои излегоа на виделина. Денес сите знаат дека единствената мака на ДУИ е стравот од правдата.“