САД испратиле во Оман 11 затвореници од Јемен кои биле во затворот Гвантанамо соопшти Пентагон, по што во тој затвор останале само 15 затвореници, јавуваат медиуми.
„САД ја ценат подготвеноста на владата на Оман и другите партнери да ги поддржат тековните напори на САД за одговорно намалување на бројот на затвореници и на крајот затворање на објектот Гвантанамо“, се вели во соопштението на американската војска.
Објектот, изграден во американската поморска база во југоисточна Куба по „војната против тероризмот“, наиде на меѓународна осуда бидејќи за многумина стана симбол на кршење на човековите права по 11 септември 2001 година.
Неговите критичари долго време изразуваа загриженост за неопределен притвор без судење и контроверзни методи на испрашување.
Во текот на неговата 22-годишна историја, околу 780 луѓе поминале низ ќелиите на Гвантанамо.






