Николоски: Ја почитуваме одлуката на Сиљановска-Давкова и ќе ги разгледаме укажувањата на Законот за заштита на децата

Го почитуваме ставот на претседателката, нејзина работа е да ја контролира законодавната власт во делот на усогласеност на законите со Уставот, порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостување на ТВ Сител. Според Николоски, во Владата има подготвеност да се доработи Законот за заштита на децата, откако ќе ги разгледаат забелешките кои ги посочи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во образложението зошто не го потпишала указот.



„Би почекале да го видиме нејзиното образложение зашто кога претседател ќе врати одреден закон во Собранието, дава образложение во кој дел не се согласува со законот. И спремни сме да го доработиме законот во насока на нејзиното образложение и нејзините укажувања, така што, кога ќе ги имаме образложението и укажувањата, спремни сме овој закон да се врати во владина, а потоа и во собраниска процедура. Да се доработи согласно укажувањата и соодветно на Уставот исто така и да имаме закон којшто ќе ги исполнува уставните кротериуми, бидејќи јас сум убеден дека претседателката се водела од Уставот кога ја донела оваа одлука“, рече Николоски.

Од Владата претходно соопштија дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен и вратен во Собранието, откако претседателката одби да го потпише указот. Според образложението на Сиљановска-Давкова, спорни се одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.

Во документот до кој дојде „360 степени“, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо се веќе уредени со закон“, се наведува во образложението од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.