„Бог, Кој седи највисоко на небесата, денес се роди како обичен човек. Небесниот сјај го прегрна духот човечки, божествената светлина го просветли созданието, човекот се обдари со вистинско богопознание, а целото наше битие се соедини со Бога. Божиќната радост вечно нека престојува и во нашата љубена татковина Македонија, која е земја осенета од Апостолите, облагородена од Седмочислениците, бранета, ослободена и издигната од Илинденците. Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, што нè поделува и што нè уназадува.“ – истакнува Митрополитот Повардарски Агатангел во своето традиционално Божиќно послание во пресрет на Христовото раѓање – Божиќ, обраќајќи им се на православните верници.
Покрај другото, натаму Митрополитот Повардарски Агатангел порачува:
Драги сестри и браќа Македонци,
Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, што нè поделува и што нè уназадува. На овој свет и благословен ден ние, Македонците да се угледаме на Новородениот Месија и да покажеме милост и љубов кон своите ближни, кон нашите сонародници, кон нашите соседи, кон секој човек кој е создаден по Образ и Подобие Божјо. Само на тој начин, издигнати во добродетелта и полиени со Божјата благодат, ќе имаме живот овде на земјата, а ќе станеме и чеда на небесниот Отец.
Пред нас како човештво стојат многу искушенија, неизвесности и предизвици. Се претворивме во општество каде што стана нормално и вообичаено покрај дворот на црквата да имаме казино, преку патот од училиштето – обложувалница, а на секој втор агол – заложна куќа со брзи кредити. Како генерација ни престои тешка борба за зачувување на нормалното, за спасување на себеси, за оздравување од наметнатите и напластени душевни и духовни болести.
Христос се роди, навистина се роди!





