Камбовски, новиот претседател на Судскиот совет: 22 години кариера како правник

Судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од битолскиот Апелациски суд, од вчера е новиот претседател на Судскиот совет. Тој беше избран едногласно од тринаесетте члена на Советот. Камбовски беше предлог на членот на советот Исамедин Лимани, кој нагласи дека Камбовски е дел од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.



По изборот Камбовски кажа дека ги охрабрува судиите да работат според Уставот и законите и нагласи оти тие ќе имаат безрезервна поддршка. За оние судии, кои нема да ги почитуваат законите, најави одговорност. На колегите судии им порача дека ако имаат каков притисок, или ако некој се обидува да им врши влијание слободно да се обратат за заштита.

„Судскиот совет ќе се води со интегритет и непристрасност, со максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во нашата држава. Покрај тоа што ја контролираме нивната работа, ги охрабруваме да работат согласно со законите и Уставот и сите тие судии, кои постапуваат на овој начин, ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка. Оние другите судии кои не постапуваат на овој начин ги уверувам дека нема да поминат без никаква одговорност. Заедно сме во правосудниот систем и заедно треба да придонесуваме да биде подобар бидејќи сите живееме во оваа земја и сакам да имаме независно и слободно судство.“ -, рече Камбовски.

Информативниот портал „еМагазин“ објави: Според неговата официјална биографија, тој е дипломиран правник и магистер по правни науки. Од 2003 до 2005 година работел во Основниот суд во Битола. Од 2005 до 2007 година работел како правник во приватна компанија. Од 2006 до 2010 година бил ангажиран како надворешен соработник на адвокатска канцеларија. а првпат е избран како судија во 2010 година во Основниот суд во Битола, откако за завршил Академијата за судии и јавни обвинители. Во 2017 година е избран како судија во Апелацискиот судија во Битола. Истата година започнува да предава во Академијата за судии и јавни обвинители.  Во феврури 2024 година Камбовски беше избран како вршител на должноста претседател на Апелацискиот суд. Во јуни минатата година тој беше избран како член на Судскиот совет.

Поранешната претседателката на Судскиот Совет Весна Дамева поднесе неотповиклива оставка на 2 декември минатата година и на три дена пред истекот на нејзиниот мандат, но остана член на советот. Изборот на нов претседател на Судскиот совет беше одложен, бидејќи советот не беше комплетиран и недостасуваа двајца судии. За нови членови на Советот од редовите на судиите беа избрани Аритон Ала од скопскиот Апелациски суд и Данка Ристова од штипскиот Апелациски суд.