Познатата инфлуенсерка Ина Многуфина на свој начин објаснува како се случило заменик директорот на Македонија Пат Сашо Дранго да се слика со мртва мечка.
,,Јас верувам дека оној не ја убил мечката, вака било. Си седел он на работа во канцеларија и му се јавил Пеце од Битола и му рекол: Директоре, овде некоја мечка проаѓала ама не на пешачки и некој ја удрил со кола и избегал. Директорот, заменик, рекол: не пипајте сеа ќе дојдам. И отишол таму, што да види, мечка на патот, рекол: Пецо дај да ја тргнеме, не ја качувајте во камион, дајте да ја однесеме онде по угорницата во снегот кај дрвата. Фатил Пецо за главата, фатил директоров заменик за нозете, ја тргнале да можат коли да проаѓаат и рекол директоров: ај бе да ме сликаш. Ајде бе директоре – одговорил Пецо милозвучно. И директоров рекол чекај од кола да зеам нешто и извадил пушка со снајперски дурбин, сосема нормална работа за имање при себе кога одиш негде службено и се наместил до мечката жртва на судар по нејзина кривица и му рекол на Пецо: “Штракни Пеце”. И така е направена таа фотка. Не ја убил не вадете муабети”, пишува Ина Многуфина во својот ироничен пост.
Во меѓувреме за да се дознае вистината основното јавно обвинителство од Битола отвори предмет за случајот со мртвата мечка и фотографијата на која позира заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго.
„По објава во медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило“, информира од Основното јавно обвинителство во Битола.
По објавените фотографии од здружението „Анима мунди“, на кои се гледа заменик-директорот на „Македонијапат“, како позира со пушка со оптички нишан и со мртвото животно, јавноста побара оставка и одговорност. Но наместо тоа, Дранго кажа дека мечката била удрена од кола, а тој ја тргнал од патот и така настанала фотографијата.
Од СВР Битола сепак велат дека нема таков пријавен случај, односно нема пријавена сообраќајка во која кола удрила мечка.






