Најдено и четвртото тело од несреќата кај Рашче, преживеаното дете вратено дома кај другите членови на семејството

По повеќечасовна потрага, попладнево околу 15 часот е пронајдено мртвото тело и на четвртиот патник во автомобилот „ауди“ што синоќа излета од патот Рашче – Сарај и заврши во надојдените води на Вардар заедно со уште три женски лица, а малолетно дете преживеа откако испаднало од возилото при падот.



„Од страна на лекар од Итна медицинска помош е констатирана смрт, додека по наредба на јавен обвинител телата на починатите се испратени на обдукција“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Последната жртва на несреќата е 56-годишниот А.А., кој настрада заедно со Н.А (23), В.А. (25) и З.А. (59), сите членови на семејството Арслани од селото Грчец во Општина Сарај, чиј погреб ќе биде извршен утре.

Преживеаното дете на возраст од четири години, кое од минувачи било пренесно во болница, по укажаната лекарска помош е вратено дома кај другите членови на семејството.