Точно е дека општините се соочуваат со ограничени буџети, но тоа не е оправдување за нивните негативни финансиски резултати, вели во интервју за Локално, министерот за локална самоуправа, Златко Перински запрашан дали унгарскиот кредит навистина ќе помогне или е само решение за општинските долгови.
Според него, комунален надзор по општините треба да се регулира со Законот за комунални дејности, кој ја опишува целата материја, а со планираните измени на Законот за локална самоуправа, како обврска во иднина градоначалниците ќе мора да ја спроведуваат, односно комуналните редари ќе бидат обврска на градоначалниците.
– Нашата интенција и очекувања се дека изменетата подобрена рамка ќе биде подготвена и применлива пред претстојните локални избори. Од досегашната неформална комуникација со директните и индиректните чинители во системот за локална самоуправа, но и од веќе започнатиот процес на отворени јавни дебати за измените на Законот, можам да кажам дека генерално имаме унисон став и поддршка за планираните измени – истакнува министерот.
На прашањето како ги коментира реакциите на дел од јавноста кој во него гледа нов градоначалник на Скопје и како би можел да ги среди проблемите за еден мандат, Перински истакнува дека клучно е да се реализираат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни мерки.
– На пример, проблемот со загадувањето не може да се реши без да се подобри јавниот превоз. Добар менаџмент на јавните претпријатија е исто така неопходен за ефикасно функционирање на системот и квалитетни јавни услуги – ни рече министерот.





