Скандалозна закана на Ахмети кон претседателот на Уставниот суд Костадиновски: Ако сте смели мажи, сменете го законот за албанскиот јазик!

„На 11 декември Уставниот суд се подготви да го фрли законот за јазици во корпа за отпадоци. Ние ја имавме оваа информација, која сега излегува на виделина, а велеа дека не била вистина. Кога ќе ти каже некој ‘Немој да мислиш дека се плашам’, тогаш навистина се плаши! Претседателот на Уставниот суд изјави ‘Ние не се исплашивме, ние сме смели луѓе!’ Тогаш, ајде, повелете, сменете го законот! Тој закон е измиен со крв, о, брат!“ – со оваа скандалозна закана се огласи денес лидерот на ДУИ Али Ахмети кон Дарко Костадиновски, претседателот, и кон другите членови на Уставниот суд на Република Македонија, во контекст на подготовките за расправа за законот за јазиците. Заканувачката изјава на Ахмети ја пренесе ТВ 21 во својата вест со наслов „Тој закон е измиен со крв, о брат!“ – Ахмети: Претседателот на Уставниот суд вели дека не се плашат и оти се смели мажи! Ајде, повелете, сменете го законот!“



Лидерот на ДУИ ја нападна и универзитетската професорка д-р Тања Каракамишева од катедрата за уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје дека, наводно, таа дејствувала „против Албанците во Венецијанската комисија“ во врска со „законот за албанскиот јазик“. Во втората вест со наслов „Али Ахмети: Во Венецијанската комисија имаше една противалбанка Каракамишева! Таа има подготвено 75 страници, за да го фрли законот за албанскиот јазик во корпа за отпадоци“ ТВ 21 објави: „Го повлекоа законот за албанскиот јазик илегално и тајно.“ – кажа Ахмети во врска со одговорот од Венецијанската комисија, додавајќи дека од таму пратиле одговор за прашања, за кои не барале третирање. Ахмети посочи дека „дел на Венецијанската комисија била и една противалбанка, која се вика Каракамишева“, додавајќи дека „таа подготвила 75 страници, за да го фрли законот за албанскиот јазик во ѓубре“.