Трговците ја „спуштија топката“, почнаа да ги намалуваат цените на производите

По заканите од Владата, веднаш поевтинеа дел од производите кои не се дел од Новогодишната кошница, а чии цени драстично беа покачени од трговците во изминатата недела. Самите маркети објавија нови налепници на кои промовираат пониски цени на зејтинот, јајцата, шеќерот и други. Министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека инспекторите го констатирале она што го тврдат граѓаните, дека се поскапени производите кои не биле вклучени во новогодишната кошничка и најави дека ќе се преземат поригорозни мерки.



  • Информациите што ни дојдоа од секторот што ги пресметува и анализира цените на основните производи се дека дека цените на оние артикли што не биле ставени во новогодишната кошничка, драстично се зголемени. Производите кои не се ставени во новогодишната корпа се зголемени за 20 до 30%… Ќе ги замрзнеме цените или ќе ја ограничиме маржата исто како што направивме со есенската кошница каде што имавме 73 групи артикли, околу 350 артикли за кои ќе ги замрзнеме цените“, рече Дурмиши.

Што се однесува до зголемените контроли на пазарите и казните за оние кои нема да го почитуваат замрзнувањето на цените кое ќе стапи на сила пред Нова година, Дурмиши најави дека казните ќе се движат од илјада до 10 илјади евра. Но граѓаните и натаму се разочарани. Реагираат дека ниту цените се намалени, ниту има нешто реално од Новогодишната кошница.

Паралелно, инспекцијата врши проверки и кај трговците и кај добавувачите за да утврди како се движеле цените токму на овие производи во последните неколку месеци. Инспекторите сакаат да утврдат дали тие се вештачки подигнати како одговор на Новогодишната кошница во која се опфатени повеќе од 1.000 производи. Сега, во кошницата има 1.123 производи, а пријавени се производи од вкупно 96 производители и дистрибутери. 

Инаку, бизнисот смета дека замрзнување на цените или на маржите би било против политиката на слободен пазар, и се надеваат дека ред во трговијата конечно ќе се стави со законот за нефер трговски практики, кој е на сила, но казните ќе следат по први јануари.