На само неколку дена до новогодишниот дочек, јавноста дозна дека во Скопје, на плоштад Македонија, сепак ќе има организирана прослава со жива музика. Забавата за најлудата ноќ ќе ја организира компанијата „Спектаклум” која победи на конкурост што во последен момент го распиша Град Скопје. Веста не ја соопштија од Град Скопје, туку поединци, односно тоа се објави на страницата на бендот Нокаут. Во објавата е истакнато дека за новогодишната ноќ на скопскиот плоштад ќе следи музичка програма, на која ќе учествуваат Сара Мејс и The Girlzz, Љубојна, Ареа и Нокаут. Настанот ќе започнел во 19.30 часот. Празнична магија во Скопје, на 31.12.204, пишува во најавата.

Инаку, Нокаут ќе одржи и предновогодишен концерт на улица Боемска, на 27-ми декември, а пак Сара Мејс ќе биде дел и од новогодишната програма на Општина Охрид, и ќе настапи на 30-ти декември на охридскиот плоштад. Освен Нокаут, никој друг од спомнатите музичари ја нема потврдено веста за настап на дочекот. Од градоначалничката Данела Арсовска нема ниту збор.
Колку за потсетување, за ланскиот дочек, во јавноста излегоа на виделина еден куп обвинувања за неисплатени хонорари од страна на Комората на музичката индустрија, кои се пожалија дека цела година ги чекаат парите од Град Скопје и дека ќе тужат. Од Градот пак, порачаа дека не должат ништо на музичарите со кои не ни потпишале договори, и најавија тужба за Комората која беше организатор на новогодишниот дочек изминатите две години.






