Тошковски: Граничниот полицаец бил импресиониран од политичката големина на Груби и од луксузното возило

Има кртови во Министерството за внатрешни работи кои на поранешни високо позиционирани функционери им оддаваат тајни на криминалците за акциите на полицијата, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на пратенички прашања.



Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ постави пратеничко прашање што е преземено за враќање на избеганиот Артан Груби во државата, кој е осомничен за проневера на 8 милиони евра од Државна лотарија и за негово соочување со правдата. Јаулевски рече дека Груби носеше патики од над 2.000 евра, додека крадеше врз грбот на албанските граѓани и додека тие се иселуваа, Груби поттикнуваше меѓуетнички тензии.

– Лицето кое го именувавте, факт е дека е недостапно на органите на прогонот. Во недела во раните утрински часови, предметното лице ја напушти Македонија со возило со дипломатски таблици, тој е совозач, седи напред со лицето што вози. Полицискиот службеник од гранична полиција прави кардинална грешка, наместо да констатира дека тој е на стоп-листата, истиот, вознемирен или возбуден од политичката големина на лицето што ја напушта Македонија или од луксузот на возилото, без да ја спроведе стандардната процедура и да констатира дека овој е на стоп-листата, го пушта да излезе непречено. Кога полицаецот констатира дека за него има стоп-листа, лицето веќе е во Косово. Тоа е утврдено со видео запис од камерите што снимаат 24 часа на граница – рече министерот Тошковски.

Тој рече дека внатрешната контрола во полицијата, согласно со сите докази, констатирала дека граничниот полицаец сторил кривично дело, несовесно работење во службата или злоупотреба на службените овластувања.

– Внатрешна контрола достави кривична пријава против него во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Се истражува дали е сторена ненамерна грешка или ова се случило со умисла. Обезбедени се мобилни телефони и други докази и ЈО води темелна истрага. Ќе расветлиме дали е организирано бегство или се работи за ненамерна грешка на полициски службеник – рече Тошковски.