Минимална плата од 500 евра, намалување на придонесите, а дел од администрацијата да се прераспредели во приватниот сектор, бара Стопанската комора на северозападна Македонија. Од таму повторно го актуелизираа прашањето за поврат на ДДВ-то кон компаниите. Како што изјави првиот човек на Комората, Менди Ќура, сите влади доцнеле со враќањето на данокот. На прес-конференцијата, претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура, истакна дека актуелното доцнење во враќањето на ДДВ-то кон компаниите претставува дополнителен проблем за стопанството, што е наследено од претходната Влада.

- „Веќе една година бараме минималната плата да биде 31.500 денари. Дополнително, придонесите се товар што ја намалува нето-платата и бараме нивно намалување. Во моментот, кај нас за плати над 1.000 евра придонесите достигнуваат 52%, додека во Словенија се движат околу 42% и опаѓаат со повисоките примања. Овој систем ја демотивира продуктивноста,“ изјави Ќура.
Во однос на администрацијата, Ќура го повтори предлогот за прераспределба: „Администрацијата е преоптоварена. Дел од неа може да се преквалификува за потребите на приватниот сектор. За тоа е неопходна поддршка и од Владата и од компаниите.“ За стимулирање на ваквиот трансфер, тој предлага финансиски мерки, како отпремнини или повисоки плати, но детали за механизмот не беа наведени.

Ќура ги повика властите на побрзо враќање на ДДВ-то и изрази надеж дека новите мерки ќе помогнат во подобрување на економската клима и олеснување на товарот за компаниите. Тој не прецизираше како би се стимулирало евентуалното преминување на дел од администрацијата кај бизнисот, дали преку некој вид отпремнина или повисоки плати.
- Од двете страни треба, и од Владата да се делат средства и од компаниите за да се стимулираат тие работници да се префрлат од администрација во приватен сектор, нагласи претседателот на СКСЗМ.
Од комората на северозападна Македонија велат дека биле подготвени и да им исплаќаат минималец од 500 евра на вработените, ако државата ги намали придонесите од 47,7 на 32%, по примерот на развиените земји.
Моторот на македонската економија, капиталните инвестиции, годинава не стасале ни до 50%, ама затоа за в година очекуваат да надминат 80%. Од комората го поздравија започнувањето на Коридорот 8 и 10д, што придонело кон придвижување на економијата.
Од Комората на Северозападна Македонија велат дека испраќаме година која била многу лоша на економски план, со надеж дека 2025 ќе биде подобра. Комората бара итна интервенција од Владата за да се намали сивата економија, која надминува 40% од БДП.





