Пакистан го бомбардираше Авганистан – загинаа 46 лица…

Во бомбардирањето од пакистанската армија во источната авганистанска провинција Пактика вчера загинаа најмалку 46 лица, од кои повеќето беа деца и жени, соопштија авганистанските талибанци, ветувајќи дека ќе возвратат на нивниот сосед, јавува Ројтерс.



Бомбашкиот напад се случи на четири локации во Авганистан, изјави во средата заменик-портпаролот Хамдула Фитрат, додавајќи дека шест лица се повредени.

„Авганистан го смета овој брутален чин за флагрантно кршење на сите меѓународни принципи и очигледен акт на агресија… Исламскиот емират нема да дозволи овој кукавички чин да остане без одговор“, изјави Енајатулах Хоразми, портпарол на Министерството за национална одбрана.

Односите меѓу Пакистан и Авганистан се затегнати, па Пакистан во неколку наврати го обвинува Авганистан за напади извршени внатре во земјата, што авганистанската влада го негираше.

Нивните односи дополнително се искомплицираа во март кога талибанците го обвинија Пакистан дека извршил два воздушни напади на нивна територија, при што загинаа пет жени и деца.

Тогаш Пакистан призна дека извршил „контратерористички операции засновани на разузнавање“ во Авганистан, но не ја прецизираше природата на операциите.