Судија Илија Трпков, да судеше на стадион, знаеш ли како би ти викала публиката?

Некаде во 2020 година, пред воопшто да почнам да пишувам за судскиот процес „Организатори на 27 април“, поточно за случајот на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, решив прво добро да ги проучам сите достапни списи и информации за предметот, за прво самиот да пресудам дали кај него можеби има грам вина, или човекот го судат и го малтретираат на правда божја.



Тоа му го кажав на Вељаноски на нашата прва средба. За да се запознаам со деталите на предметот, од него побарав да ги прочитам и обвинението и неговата одбрана. Нашиот договор беше мошне едноставен – ако јас се посомневам дека човекот можеби е жртва на нефер прогон, тој ја презема обврската да ми ги даде на увид списите и записниците од текот на сите судски расправи. И тогаш се посомневав, а и сега сум со впечатокот дека веројатно за овој случај имам прочитано повеќе од судечкиот судија Илија Трпков. Станува збор за сите записници за текот на „спорната“ собраниска седница на 27 април 2017 година, сите записници од сведочењата и од вкрстените испитувања на сведоците и уште мал милион други „папири“.

Поинаку и не можеше да постапи еден новинар, кој во годините на владеењето на СДСМ на Зоран Заев и на неговите инсталати во обвинителствата и во судовите, остана безнадежно осамен во отпорот против сфаќањето на правдата како одмазда, против политиката „че си лежите“ како суштина на „реформите“ во ресорот правосудство, против апсанџиството како политичка филозофија и против сеирот и злорадоста како доминантен дух на македонското „граџанство“ инволвирано во политиката на најбрутален можен начин – преку еден организиран линч на политичките неистомисленици, во медиумите и на социјалните мрежи.

Бесмислено обвинение

На 7 јули 2021 година, во мојата колумна под наслов „Време е правдата да се јави и да каже – присутна!“, јавно и јасно ја соопштив својата „пресуда“ за овој случај: бесмисленото обвинение против Вељаноски (злодело на легендарната Вилма Русковска) никогаш и не требаше да влезе во судот, или во најмала рака, требаше да биде повлечено откако сите сведоци на одбраната на Вељаноски (46 на број) – негови некогашни политички сојузници, но и политички противници, меѓу кои и тогашниот лидер на опозицијата и подоцнежен премиер Зоран Заев! – потврдија дека спикерот на ниту еден начин не ги предизвикал настаните од 27 април, ниту пак е некаков „организатор“ на обидот да се спречи мирниот трансфер на власта.

Во таа колумна напишав: „Паѓањето на обвинението против Трајко Вељаноски би можело да биде пресвртната точка во конечното отфрлање на тиранија на арбитрерната правда. Време е силно да ја развиеме свесноста дека навистина, како што вели Монтескје, нема поголема тиранија од онаа што се спроведува под штитот на законот и во име на правдата. Тоа не е правда, тоа е сепак тиранија. Време е да ја поддржиме независноста на судот во битката против политичките калкулации и манипулации“.

Тогаш, речиси цел месец пред првостепената пресуда, наивно верував дека судијата Трпков ќе размисли за овие мои пораки и за фактот дека наспроти планината од недвосмислени сведоштва и наспроти мноштвото од материјални докази за невиноста на Вељаноски, нема да застане на страната на тривијалните провокации на обвинителката Русковска и на исказите на пар дежурни лажни сведоци, оспорени и побиени во доказната постапка.

Ама не…

Одмазда спакувана во пресуда

На 26 јули 2021 година, судијата Трпков донесе осудителна пресуда. Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски беше осуден на казна затвор од 6 години и 6 месеци, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, добија по 6 години и 3 месеци, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, беше осуден на казна затвор од 6 години. Сите беа осудени за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во колумна објавена истиот ден кога беше изречена пресудата, под наслов „Осудивте невин човек, друже судија!“, директно му се обратив на Трпков: „Државата се брани со државни потези, а правдата со докази, со непристрасност и со принципиелност, друже судија! Вашата осудителна пресуда е политичка. Можеби Вие и не сте сосема виновни за тоа, но дилеми нема – ова е класичен политички реваншизам и брутална одмазда спакувани во вид на судска пресуда!“

Во таа колумна предвидов дека пресудата што ја донесе судијата Илија Трпков еден ден ќе биде укината. И би така…

Зошто падна пресудата на судијата Трпков?

На 3 април 2023 година, Апелациониот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење во Кривичниот суд во Скопје.

Апелационите судии оцениле дека при постапувањето по овој кривичен предмет се сторени суштествени повреди на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право.

„Првостепениот суд, врз основа на расположивиот доказен материјал, во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, а при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие, како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“.

Првостепениот суд, според Апелација, сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите, што влијаело врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, „бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење“.

„Првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постпувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла, по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018), кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“, објасни тогаш Апелациониот суд.

Шлаканица тешка, ама заслужена!

Ви се извинувам, почитувани читатели, што потрошив малку повеќе простор да цитирам делови од пресудата на Апелација од април 2023 година, но ми се чинеше дека е важно да потсетам дека второстепениот суд тогаш недвосмислено утврди целосно промашување на процесот што го водеше судијата Трпков против наводните „организатори“ на настаните од 27 април.

Да ти ја укинат пресудата со образложение дека се сторени суштествени повреди на кривичната постапка кои придонеле да не бидеш во можност правилно да го примениш материјалното право, а згора на тоа и да го повредиш правото на одбрана на обвинетите, бидејќи не си го расправил прашањето за примената на Законот за амнестија – сето тоа заедно значи дека си водел политички монтиран процес.

Целата колумна на Бранко героски за Плусинфо на следниот линк:

Судија Илија Трпков, да судеше на стадион, знаеш ли како би ти викала публиката?