Груби се наоѓа во туристичкото село Хамалај, кај Драч, во Албанија? – Во Тирана барал адвокатска помош за отстранување од „црната листа“

„Артан Груби барал во Тирана адвокатска помош за отстранување од црната листа.“објави ТВ 21, повикувајќи се на свои извори на информации. Според последните неофицијални и се уште непотврдени сознанија на други медиуми, Груби се наоѓа во хотел во туристичкото село Хамалај, покрај Јадранското море, во близина на Драч, во Албанија.



ТВ 21 пишува: „Артан Груби го замолил Арсим Папранику, кој е бизнисмен и почесен конзул на Косово во Македонија, да  отпатуваат за Тирана, каде што требало да се сретнат со група адвокати, кои би започнале постапка за негово отстранување од црната листа. Патувањето било договорено два дена однапред. Тргнале рано наутро на 15 декември 2024 година, околу 8 часот. На граничниот премин кај Блаце Папранику му ги предал пасошите на полицаецот. Пасошот на Папранику бил задржан 10 секунди, а од Груби само 2 секунди. Рампата била крената и поминале без проблем. Истото го направиле и на влез во Косово.“

„Патот ги водел преку Приштина кон Тирана. Неколку километри пред Приштина, Груби почнал да добива пораки дека против него има активна постапка и оти е барано негово присуство. Папранику му предложил да се вратат, но Груби бил неодлучен и инсистирал да продолжат кон Тирана, каде барал адвокатска помош за отстранување од ‘црната листа’. По пат неколку пати застанале на бензински пумпи, каде што Груби користел тоалет. Во Тирана Груби бил оставен во центарот на градот, додека Папранику се упатил кон својата куќа во Драч. Следното утро, околу 6 часот, Папранику се вратил во Скопје.“

Инаку, информативниот портал „Фокус“ објави дека дел од членовите на владата и одредени институции располагаат со неофицијални информации оти Груби престојува во туристичкото село Хамалај, покрај Јадранското море, близу Драч. Според соговорниците на порталот во Хамалај, Груби престојува во објект, кој официјално не е во негова сопственост.

Откако се врати во земјава преку граничниот премин „Ќафасан“, Папранику беше повикан во полициска станица на разговор, каде што, покрај останатото, рекол дека не знаел оти  Груби се бара од страна на институциите. Тој е недостапен за органите на прогонот од 15  декемеври. Судот му одреди притвор од 30 дена. За негово пронаоѓање е распишана и меѓународна потерница.

Официјално, Груби на 15 декември заминал од Македонија кон Косово преку граничниот премин „Блаце“, иако е ставен на „стоп-листа“ по наредба од јавен обвинител. Тој бил во друштво на бизнисменот и почесен конзул на Косово Арсим Папранику. Внатрешната контрола при МВР утврдила дека полицискиот службеник ги завел Груби и Папранику дека пешки ја минале границата, не го евидентирал возилото и не почекал системот да јави дали има активна мерка. Полицаецот подоцна е суспендиран. Мерка има и за неговиот раководител.




Поврзана вест
Османи (не)свесно ја закопа ДУИ за Артан Груби (ВИДЕО)