Процедура за измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои ќе се намалат коефициентите со кои се множи основицата за пресмета на платите, е во тек во Собранието.
Со ова намалување на коефициентите, платата на функционерите нема да се зголеми од јануари 2025 година, кога се усогласува со просечната плата од претходната година.
Предлагачи на законските измени се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска, Ели Панова, а решението е во фаза на второ читање.
Со измените највисокиот коефициент 3,92, со кој се пресметува платата на највисоките функционери – претседателот, премиерот и спикерот, ќе се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 ќе се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 ќе се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се заменува со 2,62 , коефициентот за најниските функционери 2,79, ќе се намали на 2,47, дознва Плусифо.
Доколку не се донесеа овие измени за намалување на коефициентите, платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемеа во согласност со растот на годишната просечната плата, и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати – за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските функции.
Зголемувањето на платите на функционерите лани предизвика огромно незадоволство кај граѓаните, работниците и синдикалните организации кои организираа повеќе протести.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека платите на функционерите нема да се зголемат од јануари следната година.






