Амбасадата на САД во Приштина ги предупредува своите граѓани на зголемен ризик од терористички напади во Косово, посебно за време на велигденските празници.
Како што се наведува на сајтот на амбасадата, американските државјани треба да бидат внимателни во текот на настаните поврзани со прославите на католичкиот и на православниот Велигден.
Во предупредувањето се нагласува дека екстремистите продолжуваат да се фокусираат на туристичките локации, на трговските центри, на баровите, верските објекти и на други „лесни“ цели, па таму посебно треба да се внимава.
На Американците што доаѓаат во Косово и на тие што веќе се таму им се советува да не се истакнуваат многу и да не привлекуваат внимание врз себе, да ја променат рутината на движење со цел да станат непредвидливи за криминалците и за терористите и кога ќе се најдат на јавно место да обрнат внимание на излезите во случај на опасност, како и на силите за безбедност.
Им се советува и да избегнуваат јавни собири и демонстрации, да бидат внимателни на туристичките локации, да ги следат локалните медиуми и инструкциите на Амбасада на САД или на најблискиот конзулат.
Предупредувањето е издадено два дена по зовривањето на ситуацијата во Косово како последица на апсењето на директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, во Косовска Митровица.





