Дел од вработените во ЈП „Улици и патишта“ денеска протестираа пред бараките на Град Скопје незадоволни што до 20 декември сè уште не земале плата за ноември, а бараат да им се исплати и К-15.
Претседателот на синдикатот, Марјан Ристески вели дека сметката на компанијата е блокирана, возилата се нерегистрирани и дека работниците работат во мизерни услови. Од „Улици и патишта“ за протестот велат дека е политизиран и ја обвинуваат Владата дека им наштетува на претпријатијата на Скопје, а додаваат дека работниците си ги земале платите.
Нусрет Пашалиќ, вработен во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека доколку не земат плата, од понеделник со возила ќе излезат на улица и семафорите ќе ги исклучат за да не работи целиот град.

- „Мицкоски, пред да продолжи да ги оштетува претпријатијата на Скопје и на Град Скопје, треба да ги извести граѓаните дека работниците од јавното претпријатие „Улици и патишта“ земале плата, па затоа е нејасно зошто Синдикатот протестира. Воедно, Мицкоски треба да ги информира дека за линеарни покачувања на платите и К15, кои се барања на синдикатот, одлуката ја носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови ги избира токму ВМРО-ДПМНЕ“, велат од ЈП „Улици и патишта“.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески ја опиша ситуацијата во претпријатието како „крајно критична“. тој рече дека се најавуваат протести со механизација.
- Замислете, протестираат за плата. Камоли да се побараат некои други средства – за заштитни средства при работа или покачување на плата – посочи тој, апелирајќи да се седне да се разговара, да се даде плата или целосно ќе се блокира Скопје.
Ристески истакна дека минатиот месец имало средба со новата директорка на претпријатието, за која кажа оти е петти или шести директор во мандатот на скопската градоначалничка.
- Наместо да ги викнат луѓето на разговори, еве се јавуваат колегите кажуваат – притисоци. На кого притисоци? За што притисоци? Плата бараат. Во денешно време да немаш плата, за што работиме ние сите – праша Ристески.

Трајко Стефановски, возач во „Улици и патишта“, истакна дека собрани се да изразат револт поради односот на Градот Скопје кон нивната фирма.
- Со месеци го имаме проблемот. Немаме гориво, немаме редовни плати, имаме кредити што имаме обврска кон банките да ги плаќаме, меѓутоа ние сме оневозможени поради оваа состојба. Овдека сме од сите националности. Нас болката ни е платата. Секој месец истиот проблем. Не се има чувство за нашиот проблем. Нашите возила стојат сите во гаража, не излегуваат на терен затоа што немаме гориво. Имаме проблем со регистрација на возилата – наброја Стефановски.
Тој подвлече дека бараат градоначалничката да ги прими и да им објасни што е работата со нивната фирма.
- Ние сме во служба на градот, меѓутоа со нејзиното неодговарање на нашите барања, нашите седнувања на маса со нејзе, фактички таа не се грижи за состојбата во градот, смета Стефановски.
Тој посочи дека чекаат плата за ноември, а имаат семејства, деца.
Протестот пред град Скопје на вработените во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ беше мирен и траеше околу еден час.





