Граѓаните низ земјава продолжуваат да дишат токсичен воздух, а бројките од мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат висока загаденост во повеќе градови низ државава. Главниот град се најде во неславната топ 10 категорија на најзагадени градови во светот, воздухот кој го дишеме беше означен како нездрав од швајцарската платформа IQ Air. Ситуацијата не беше подобра ни во Тетово, Куманово и Велес. Граѓаните вознемирени – воздухот им ги пече очите.

Во меѓувреме, расте бројот на претставки до народниот правобранител – граѓаните бараат да им се почитува основното човеково право на здрав воздух и чиста животна средина кое кај нас веќе е загарантирано со Уставот.
Спроед мерењата, вечерва најзагадено е во Струмица со 343 мигрограми на метар кубен ПМ2,5 честички, по што следува Охрид со 336, Кавадарци со 273 и Куманово со 187. Висока е загаденоста на воздухот и во Кичево, каде што се измерени 120 ПМ2,5 честички и во Гостивар со 121. Во Скопје во 19 часот највисока е загаденоста во Лисиче, каде што се измерени 292 мигрограми на метар кубен ПМ2,5 честички и кај ректорат со 180.
Еко активистите организираа протестен марш и до Владата и Град Скопје доставија план со пакет мерки. Од Владата добиле одговор дека ќе има брза реакција и очекуваат подобрување на состојбата.

УНИЦЕФ, предупреди дека раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот. Од таму велат дека најновиот извештај покажал дека во Македонија, смртните случаи на новороденчиња кои се поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година.
Според последниот извештај на Светската банка, во Македонија годишно умираат скоро 3000 луѓе од здравствени компликации предизвикани од загадениот воздух.





