Меџити: Законот за правична застапеност ќе влезе во парламентарна процедура до почетокот на 2025

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити најави дека до почетокот на новата година во парламентарна процедура ќе биде законот за правична застапеност. Според него имало договор во владата за да се унапреди ова прашање :



– На крајот на оваа или на почетокот на новата година во парламентарна процедура ќе биде законот за правична застапеност. На добар пат сме да го затвориме ова прашање. Во Владата се договоривме да го унапредиме оваа прашање откако механизмот балансер беше укинат во Уставниот суд без наша вина, бидејќи овој суд не е избран од ова парламентарно мнозинство. Значи, механизмот да го замениме со посебен закон за соодветна и квалитативна застапеност во државната и јавната администрација – рече Меџити во гостување на ТВ 21.

Инаку, Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека работните групи работат на изготвувањето на закон за правична застапеност кој наскоро се очекува да се најде пред пратениците.

Проблемот е во скрининг извештајот на ЕУ. Таа констатира дека балансерот е злоупотребен, дека му поминала таканаречената употребна вредност и дека треба да се замени со нешто коешто ќе има. Ние не стоиме и не чекаме, туку работат групи да направат закон за правична застапеност кој што ќе биде уставен и за бргу ќе се најде пред пратениците во Парламентот. Немојте да мислите дека ние сакаме да бидеме влада којашто ќе јава на полето на фрустрацијата што ќе се креира кај граѓаните – рече премиерот Мицкоски.