Таче сепак не се спасил, обвинителството не ја отфрлило кривичната за екс премиерот

Јавното обвинителство сепак не ја отфрлило кривичната пријава што МВР ја поднесе против експремиерот Димитар Ковачевски.



Јавното обвинителство денеска информира дека се проверуваат наводите во пријавата за Ковачевски.

Обвинителството дообјаснува дека со владината седница на која е донесена спорната владина одлука во врска со Државна лотарија, претседавал вицепремиерот Артан Груби но дека пријавата против Ковачевски е во врска со друго дејствие и во друго време.

Во врска со тоа што се случува со пријавата за останатите двајца, поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешен генерален секретар, ЈО денеска извести дека кривичната пријава за наведените лица не е отфрлена.

„Основното јавно обвинителство Скопје во овој предмет постапуваше по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција. По сите преземени дејствија од сите надлежни институции до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените 6 лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на владината седница на 6.6.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука, претседавал единствено сега осомничениот“, информира ЈО.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера рече дека поднеле кривични пријави во ЈО против 8 лица во врска со криминал во Државна лотарија, меѓу кои се поранешни премиер, вицепремиер, директор, генерален секретар и четворица државни службеници.

Од нив, на четворицата службеници Кривичниот суд на барање на Јавното обвинителство веќе им одреде мерки за претпазливост и им ги одзеде пасошите на четворицата државни службеници. За поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој избега во Косово, ЈО побара притвор, како и за поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, кој веќе некое време е надвор од Македонија. За останатите двајца од пријавата ЈО вчера извести дека до тој момент не се обезбедени докази кои укажуваат на основано сомнение за кривично дело.

Поврзана вест

Ако денот по утрото се познава

Груби го брани адвокат кој предходно застапуваше висок владин функционер кој заврши в затвор