Многу инвестиции тропаат на врата – Каква 2025. очекува бизнисот?!

Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, асоцијација која ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, на 17.12.2024 во Скопје ќе ја одржи својата 33-та седница, на која домаќин ќе биде потпретседателот на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески. На седницата, како што пренесе Фактор, лидерите на коморите од регионот ќе дискутираат за клучните приоритети во активностите на Коморскиот инвестициски форум во 2025 година, имајќи го во вид отпочнувањето на примената на новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар, во кој КИФ е активно вклучен во структурата на управување со процесот во однос на имплементацијата и надгледувањето на мерките предводени од приватниот сектор.



Со усвојувањето и имплементацијата на стандардите на ЕУ, како основа на мерките во рамките на Заедничкиот регионален пазар, Акцискиот план служи како важна пристапна порта кон единствениот пазар на ЕУ во многу сектори и како алатка за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ, и затоа вклучување на стопанските комори од регионот со активности, преку КИФ во овој процес, е од клучно значење за максимизирање на придобивките.

На домашен план како да започнаа да се заокружуваат клучните економски активности. Се донесе буџетот, се финишираат активностите со унгарскиот кредит, Бехтел и Енка се внесени во извршување на работите, странските инвестиции продолжуваат, на анализа одат неколку суштински закони меѓу кои и Законот за работни односи во делот на недела неработен ден. Што значи после три годишна  имплементација  Законот оди на преиспитување.

Растот на Бруто домашниот производ од 3% за третото тромесечие дава поттик и надеж за акција – 2025 да биде година во која секоја нареда година ќе имаме повисока стапка на раст. За таа цел, Комората во веќе организираше два настани кои ги фокусираат нашите приоритети – борба против корупцијата и градење вештини за потребите на бизнисот во високо образовните институции, како продолжение на се` она што го направивме во дуалното образование во средните училишта.

Да резимираме, бизнисот е структура која работи на долги патеки и во моментов претставува единствен кохезионен партнер на нашите простори: меѓудржавни, меѓунационални, меѓуверски, генерациски итн.