Македонската кошаркарска легенда Лестер Бо Мекејлеб, еден од најзаслужните за историското полуфинале и четврто место на Македонија на Европското првенство 2011 во Литванија, кога беше избран во идеалната петорка на шампионатот, дипломира на Универзитетот во Њу Орлеанс.
„Го направив тоа мамо токму како што ти реков дека ќе го направам!!!“, објави на Твитер популарниот „Борче Мекејлебовски“.
Сега 39-годишникот ги заврши студиите летоска, а дипломата ја доби на свечена церемонија заедно со уште 11 спортисти што дипломираа на Универзитетот на кој Бо е рекордер на сите времиња по бројот на постигнати поени за „прајватирси“ во НЦАА-лигата на САД, што лани му донесе место и во универзитетската Куќа на славните.
Со вкупно 235 поени, Мекејлеб беше најдобар стрелец на Евробаскетот во Литванија, а со 21,4 поени по натпревар втор, веднаш зад Тони Паркер од Франција, кој одигра еден меч помалку.
Во најголемиот успех на македонската кошарка омилениот бек на љубителите на кралицата на игрите во Македонија се вгради и со 3,7 асистенции и 3,1 скок за 34,2 минути во игра по натпревар.







