Автобусите на ЈСП чекаат за метан на бензиската на Партизанска, сметката на претпријатието блокирана

На скопските улици граѓаните повторно го чувствуваат сериозниот недостиг на автобуси и покрај тоа што дел од приватните превозници се вклучија со мал број автобуси. По автобуските станици тие повторно по најмалку половина час чекаат автобус, пренесе Слободен печат. Два дена не возат дел од автобусите на линиите 24, 5, 15, а денеска граѓаните не го дочекаа ни возилото на линија 60 што води од и кон Матка. Станува збор за автобусите „ман“, кои како гориво користат метан, а според информациите што стигнуваат од синдикатите во ЈСП, не можат да наполнат метан затоа што претпријатието поради блокирана сметка не е во состојба да си го плати долгот кон добавувачот.



Автобусите „ман“ на ЈСП „Скопје“, кои вчера и денеска не возеа затоа што останаа без метан, од вечерва се повторно во сообраќај, што значи дека најверојатно  е решен проблемот со гориво. Вечерва автобусите можеа да се забележат како полнат метан на бензиската пумпа на „Макпетрол“ на булевар Партизански Одреди по што веднаш продолжуваа да возат на редовните линии. Граѓаните кои ги користат линиите 24, 2, 5, 15, 60 и кои денеска измрзнаа по станиците чекајќи залудно автобус, утре не би требало да имаат проблем за да стигнат на своите работни места и на училиште.

Директорот Драги Кушовски неодамна призна дека сметката е блокирана, но во скудната изјава дадена пред вонредната седница на Советот на Град Скопје ништо не објасни. Но, очигледно начин не се пронашол затоа што оттогаш поминаа речиси две недели, а сега ниту автобусите на метан не можат да наполнат гориво.

На скопските улици граѓаните повторно го чувствуваат сериозниот недостиг на автобуси и покрај тоа што дел од приватните превозници се вклучија со мал број возила. Колку е незначително во моментов нивното присуство, заедно со отсуството на 30-ината автобуси на ЦНГ, говори гужвата по автобуските станици каде што скопјани повторно по најмалку половина час чекаат автобус.

Притоа од ЈСП, а вообичаено ниту од Град Скопје нема информации до кога ќе трае ваквата состојба, и до кога автобусите што се во добра состојба, но без гориво, ќе останат во гаражите. Пензионерите, пак, се загрижени дека од наредната година нема да можат бесплатно да се возат во автобус во вторник, петок, сабота и недела затоа што нивните обиди да си ги продолжат бесплатните билети и билетите кои ги плаќаат по повластена цена од 300 денари месечно со денови се залудни.

Наскоро, Советот на Град Скопје треба да одржи седница на која меѓу другото на дневен ред би требало да се најдат и субвенциите за ова претпријатие за наредната година, кои се трошат за плати. Колкав ќе биде износот годинава уште не се знае, но сигурно тоа нималку нема да влијае врз намалување на проблемите со превозот чии последиви ги трпат граѓаните.