Ајдари против интонирање химна пред учениците Албанци, бидејќи таа не содржела елементи од нивниот идентитет!

Пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, смета дека учениците Албанци не треба да бидат обврзани да присуствуваат на интонирање на државната химна, бидејќи таа не содржела никаков елемент од нивниот идентитет.



„Ние ја почитуваме државната химна, но оваа одредба го зголемува притисокот врз учениците Албанци поради тоа што во државната химна не се споменува ниту еден елемент од нашиот културен идентитет. Дополнително, ова може да создаде чувство на исклученост кај учениците Албанци, кои се чувствуваат помалку вклучени во државната култура и често тоа остава негативно влијание врз чувствата на припадност и идентитет“, објасни пратеничката од Европскиот фронт.

Реакцијата на Ајдари е за одредбата за интонирање на химната при одбележување на патронатот, на почетокот и на крајот на учебната година во средните училишта според членот 54 став 3 од предложениот Закон за средно образование, кој помина на прво читање во Законодавно-правната комисија во Собранието.