Статистиката покажува дека, иако на пазарот на недвижности има голем број непродадени станови, сепак, растат одобренијата за градба, а тоа значи нови станбени квадрати што почнале или допрва ќе се градат, иако од досега изградените секој трет стан е – празен.
Само во октомври годинава општините издале 216 одобренија за изградба на згради, односно се издадени 363 дозволи за градба што е раст од 11 проценти во однос на октомври минатата година.
Но, паралелно со градењето станови, расте и нивната цена, што е надвор од економското правило – цената да се одредува според понудата и побарувачката.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2020-2023 година, издадени се одобренија за изградба на вкупно 33.023 станови: 6.210 во 2020 година, 11.946 во 2021 година, 7.002 во 2022 и 7.865 во 2023 година. Вкупно 16.341 стан за кој се издадени одобренија за градење се наоѓа во Скопје.
Најголемата побарувачка за станови е на атрактивните локации во општина Центар или во населбите кои гравитираат околу центарот на Скопје како Карпош, Аеродром и Кисела Вода.
Во услови кога понудата не ја задоволува побарувачката растот на цените на становите е неминовен, но цените во строгиот центар на Скопје веќе се движат помеѓу 2.500 до 3.000 евра за м2.
Иако оваа цена не ја одредува просечната цена, треба да се напомене дека ваквите цени во последните два месеца важат и за постара градба, а не само за новоградбра.
Реалните цени во Центар се движат од 2000-2200 евра за добра локација.
Во другите населби во Скопје, цените се движат од 1000-1100 евра за м2 до 1600-1800 евра во зависност од населбата и квалитетот на градбата.






