Минова-Ѓуркова: Двојазичноста го урива интегритетот на Македонија! – Македонците не смееја да дозволат да се деградира македонскиот јазик!

Пишува: Свето Тоевски



„Македонскиот јазик е (јужно)словенски јазик, кој е истовремено и во центарот на територијата на балканскиот јазичен сојуз. Овие два факта условуваат низа особености на македонскиот јазик. Но македонскиот јазик ја содржи и ја одразува и европската традиција, европската култура. – има нагласено проф.д-р Лилјана Минова- Ѓуркова, еден од најголемите авторитети за македонскиот јазик во историјата на Македонија по Втората светска војна, во поглавјето со наслов „Збор-два за македонскиот јазик“ на својата капитална студија за македонскиот јазик со наслов „Синтакса на стандардниот македонски јазик“ (стр.20), издадена во 1994 година. Денес, на 12 декември 2024 година, кога се навршуваат 16 години од смртта на оваа врвна македонска македонистка, се осврнуваме на нејзиниот живот и нејзиното лингвистичко творештво, со што таа се вгради себеси не само во трајните и највредни записи на македонската научна мисла, туку и во аналите на борбата на македонскиот народ за широка меѓународна афирмација и признавање на сопствениот мајчин македонски јазик и национален идентитет, со нивните засебни белези и вредности, како во Балканот, така и во Европа и светот.

Со оглед на врвната актуелност на прашањето на соодносот меѓу македонскиот и албанскиот јазик и официјалноста на овие два јазика, во контекст и на активностите на Уставниот суд во врска со законот за јазиците, приведуваме дел од најважните ставови и предупредувања, кои ги изнесе уште во 2003 година професорката Лилјана Минова-Ѓуркова. Нејзините аргументирани научни погледи околу воведувањето втор официјален јазик на рамниште на државата Македонија, напоредно со официјалниот македонски јазик, кои таа ги изнесе во серија свои социолингвистички огледи уште пред 21 година, одекнуваат со еднаква сила и актуелност можеби уште повеќе денес, во овој „зовриен“ општествено-политички момент, во кој се наоѓаат Република Македонија,  Македонците како народ и нивниот мајчин македонски јазик.

Ѓуркова: „Два официјални јазика – прашање, што може да го наруши интегритетот на македонската држава!“

„Во членот 7 од Уставот на Македонија од 2001 година се вели: ‘Друг јазик, што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните е исто така службен јазик со неговото писмо.“. Воведувањето втор службен јазик на рамниште на државата се однесува на албанското малцинство. Во врска со Рамковниот договор на Македонците им се велеше, но и подоцна, дека ‘јазикот не е смртоносно прашање и не може да го наруши интегритетот на државата’. Напротив, точно е дека јазикот е смртоносно прашање за Македонија и оти може со вакво решение да се наруши интегритетот на државата!“ – има нагласено проф-д-р Лилјана Минова-Ѓуркова во своите социолингвистички научни трудови уште пред повеќе од 20 години.

Ѓуркова: „Македонците не смееја да дозволат да се деградира македонскиот јазик во сопствената држава!“

„Македонците носат со генерации доволен број трауми во врска со непризнавањето и забранувањето на нивниот јазик и пратениците во Собранието на Република Македонија не смееја да дозволат во сопствената држава македонскиот јазик да биде деградиран.“ – критикуваше жестоко Лилјана Минова-Ѓуркова во врска со воведувањето втор службен јазик во македонската држава.

Околу недозволивата деградација на македонскиот јазик – пред донесувањето на законот за јазиците единствениот официјален јазик во Република Македонија, а што, сепак, се случува, Лилјана Минова-Ѓуркова има дополнително нагласено: „Наспрема околните еднонационални држави во Република Македонија со признавањето на правото на употреба на сопствениот јазик на секоја етничка група беше деградиран статусот на македонскиот јазик како службен во единствената држава, каде што може да биде службен јазик. Ова е неприфатливо за Македонците, за кои токму јазикот претставува еден од чинителите, што ги одржал низ вековите. Специјалистите по јазик знаат многу добро што значи воведување втор службен јазик во држава како што е Репубика Македонија и со такво опкружување какво што е нашево. … Во случајот со Република Македонија вториот службен јазик е наложен отстрана: еден од заклучоците на светскиот конгрес за јазична политика, одржан во Барселона, во Шпанија од 16 до 20 април 2002 година, гласи: ‘Во Македонија се креира јазичната политика со политички договор, наложен од надвор.“ 

Своите социолингвистички согледувања за соодносот меѓу македонскиот како службен јазик и албанскиот како втор службен јазик, во контекст на извршените уставни измени од 2001 година, Минова-Ѓуркова ги завршува со констатацијата дека Македонците се откажаа од својот мајчин македонски јазик како единствен службен јазик во сопствената држава и како кохезивен (поврзувачки) чинител за сите нејзини граѓани.

„Реџиналд Де Бреј во својот ‘Водич низ словенските јазици’ (1951) ја започнува главата посветена на македонскиот јазик со следниве зборови: ‘По иронија на историјата, народот, чии претходници им го дадоа на Словените првиот литературен јазик, беше последен народ, кој го официјализира својот современ јазик како одделен словенски јазик и го определи како различен од соседните јазици: српскиот и бугарскиот јазик.’ Денес можеме да кажеме дека, по иронија на историјата, Македонците, откако конечно се изборија за самостојна држава, се откажаа и од сопствениот јазик како единствен службен јазик во македонската држава и како кохезивен елемент за сите нејзини граѓани.“ – има констатирано Лилјана Минова-Ѓуркова.

Да преминеме на животот и научното творештво на оваа професорка-македонистка и афирматорка на македонскиот јазик во светот. Во својата научна статија со наслов „Лилјана Минова-Ѓуркова“ (1939-2008)“ (стр.9) од 2009 година проф-др Анета Дуческа, професорка од Филолошиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, има истакнато: „Четиридецениската научноистражувачка и педагошка дејност ја вклучува Лилјана Минова-Ѓуркова меѓу водечките лингвисти-македонисти, чии трудови се познати и цитирани во славистичките центри во целиот свет. Потврда за огромниот влог на д-р Лилјана Минова-Ѓуркова во македонската наука за јазикот е импозантниот број на библиографски единици – повеќе од 270, објавени во Македонија, Европа и САД, во многу списанија, зборници, едиции, весници и др. Таа беше основач и прв претседател на Советот за македонски јазик (1998-2002).

Мошне современи и квалитетни се нејзините универзитетски учебници Синтакса на македонскиот стандарден јазик и Стилистика на современиот македонски јазик, со кои се заокружи издавањето соодветни наставни помагала од научната област македонски стандарден јазик. Голем е придонесот на д-р Лилјана Минова-Ѓуркова во реализирањето многубројни домашни и меѓународни проекти, од кои произлегоа десетина публикации, извонредно значајни за македонскиот јазик. Како особено важна се издвојува монографијата Македонски јазик објавена во Ополе, Полска во рамките на општословенскиот проект „Најнова историја на словенските јазици – Современи промени во словенските јазици (1945-1995)“

Д-р Лилјана Минова-Ѓуркова беше долгогодишен и мошне активен претставник на македонистиката во повеќе меѓународни славистички тела и организации, а посебно во Меѓународната комисија за проучување на граматичката структура на словенските јазици, во кои достоинствено и најкомпетентно го претставуваше својот јазик. Таа учествуваше на многу научни собири во Македонија и во светот: нејзините предавања и реферати отвораа нови видици и перспективи во толкувањето на конкретен проблем, а честопати претставуваа инспирација и поттик кај странските лингвисти за македонистички теми. Само благодарејќи на упорноста и на авторитетот на Минова-Ѓуркова во повеќе случаи беа вклучувани македонисти, или македонистичка проблематика во меѓународни теми и проекти. Остануваат како трајна инспирација за следните поколенија делата на Лилјана Минова-Ѓуркова како професор, научник и афирматор на македонскиот јазик во светот.