„Уставниот суд денеска ќе расправа за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот. ДУИ во пресрет на расправата започна со ‘стража за јазикот’ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во ‘одбрана на Законот за јазици’.“ – објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, весникот пишува: Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова вчера им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд околу Законот за јазиците. „Како партиски, како лични, како субјективни одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар. Најмалку што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи согласно со Уставот и со Деловникот.“ – рече Сиљановска-Давкова, коментирајќи ги изјавите на лидерот на ДУИ Ахмети во пресрет на одлуката на Уставниот суд за Законот за јазици.
Премиерот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски кажа дека ДУИ точно знаат како функционира Уставниот суд, нагласувајќи оти денеска нема да се случи ништо. Тој додава дека целта на ДУИ им е да излезат пред јавноста и како политички глодачи да кажат дека поради нивниот политички притисок се одложила одлуката за Законот за јазици.
„На овие од ДУИ многу им е јасно како функционира Уставниот суд, бидејќи тие ги бираа судиите таму. Во детали ги бираа судиите и дословно таму не можеше никој да биде уставен судија, или каков било судија, ако не го помине филтерот на ДУИ. Тие точно знаат дека, за да дојдеме до конечно решение, какво и да е, најпрво тој што е надлежен судија за овој случај треба да извести, да им објасни на своите колеги. Потоа следи јавна дискусија, па јавна расправа, па подготвителна седница. Тоа е процес, којшто ќе трае со месеци, можеби и со години. Нивната цел е сега како политички глодачи да начекаат и да видат дека, еве, сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста, нормално тоа може да го прават само политички глодари, да излезат и да кажат – поради тоа што ние правевме притисок, се одложи сето ова. Работите не функционираат така. Ним им е многу јасно како функционираат работите.“ – изјави вчера Мицкоски.
Тој упати порака за смиреност до сите граѓани и да не дозволат да бидат злоупотребени, бидејќи како што кажа, ништо нема да се случи, а целата ситуација е под контрола. Според премиерот Мицкоски, целта на ДУИ е поделба по етничка основа.Тој предупреди дека такви обиди ќе има и во иднина од ДУИ.
Од Коалицијата ВРЕДИ порачаа дека не поминуваат триковите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа. „Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен.“ – изјави на прес-конференција Саранда Имери-Стафаи од коалицијата Вреди викендов по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција.
Таа посочи дека ДУИ го има изгласано Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена од Законот. „Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии. Тие го испратија Законот до Венецијанската комисија, која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии, за да ј избегнат одговорноста корумпираните поранешни функционери. Сега со шатори сакаат да се претстават како ‘спасители на албанскиот јазик’.“ – рече Имери-Стафаи.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за Македонската информативна агенција МИА изјави дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој предизвикува и политички хаос, недоверба и дилеми. „Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука.“ – рече Костадиновски. Тој нагласи дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски смета дека одлуките на Судот не треба да се гледаат како закана против некого или нешто, ниту како одлуки, со кои се зголемуваат, или се намалуваат нечии права, туку оти треба да бидат прифаќани и да бидат насочник, рамка за дејствување согласно со наодите на Судот за сите останати власти: законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да им помогнат нивните дејства, прописи, или одлуки бидат усогласени со Уставот. Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. Оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија. Во поглед на иницијативите Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост, или само за делови од него, а може да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.





