Врховниот суд деенска ја укина мерката притвор за поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков по 4 месеци поминати во Шутка и ја замени со куќен притвор.
Иста мерка Врховниот суд донесе и за пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои беа последните пратеници од ВМРО ДПМНЕ во затворски притвор.
Затворскиот притвор со куќен е заменет и за Горан Ѓошевски од обезбедувањето на поранешниот парламентарен спикер Трајко Велјановски, за Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР, како и за Мунир Пепиќ од Агенција за разузнавање.
На осомничените пратеници Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, на Елена Божиновска од Собрание, како и на оперскиот пејач Игор Дурловски, Врховниот суд им ја укина мерката куќен притвор и им определи мерки на претпазливост – да се јавуваат еднаш неделно во Основниот суд.





