„Албанија треба да се врати силно во Р*М!“ – вели Назарко и најавува средба Рама-албански партии од РМ во Тирана пред седницата на Уставниот суд!

„Албанија мора да се врати многу силно со своето влијание во * Македонија, бидејќи тоа го бараат тамошните албански партии и во владата и во опозицијата. Албанија веќе играше ваква улога двапати, организирајќи расправи на тркалезна маса, во обид да го обедини албанскиот чинител. Премиерот Рама ќе организира во Тирана на 10 декември 2024 година ‘Политичка академија ‘Арбен Џафери“, која има комеморативен карактер. Лидерите на албанските партии од * Македонија ја прифатија со голем интерес поканата на Рама да учествуваат на оваа академија во Тирана, иако таа има комеморативен карактер. Ова дава можност Албанија и Рама, кој има денес многу силен меѓународен авторитет, да ја одиграат таа толку важна улога за силното враќање на албанската држава во оваа соседна држава.“ – изјави Ментор Назарко, поранешен политички советник на поранешниот албански претседател Реџеп Мејдани, во интервјуто, што го даде за информативниот портал „АБЦ.њуз“ од Тирана. Назарко е и медиумски експерт, политички аналитичар, публицист и и универзитетски предавач по политички науки во Универзитетот во Тирана, со значително влијание во политичкиот живот на Албанија.



Индикативно е тоа што, според најавата на Назарко, „албанските партии и од позицијата и опозицијата од * Македонија ќе присуствуваат на ‘Политичката академија ‘Арбен Џафери’ во Тирана на 10 декември 2024 година“, а тоа е, случајно, или не, еден ден пред најавената седница на Уставниот суд на Македонија за законот за јазиците, закажана за 11 декември 2024 година!

Претходно Еди Рама ги имаше повикано на директни средби и договарања албанските партии од Македонија во јануари 2017 и јануари 2023 година во врска со „нивните позиции и барања“ и тогаш беа усогласени „заеднички агенди за дејствување“, во медиумите и разни политички кругови во Македонија и Балканот наречени „Тиранска платформа 1“ и „Тиранска платформа 2“.

Во „Тиранската платформа 1“ од јануари 2017 година беа наведени „обврски“ за Македонија „да ги признае Албанците како државотворен народ“, „да се прогласи употребата на албанскиот јазик како официјален на сите нивоа и на целата територијата на државата“, „Парламентот да донесе Резолуција, со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во текот на периодот од 1912-1952 година“, „директно вклучување на Албанците во преговорите со Грција за името на државата, како и во преговорите со Бугарија“, како и „промена на химната, грбот и другите симболи на државата, за да ја одразуваат сета нејзина мултиетничност.“

„Тиранската платформа 2“ од јануари 2023 година, која беше усвоена под паролата „Заедничка агенда на патот кон ЕУ“, се однесуваше на „инсистирањето на уставните измени, што Македонија треба да ги спроведе, заради спроведување на Договорот со Бугарија, како и на барањата и на албанскиот политички чинител.“

Во споменатото интервју за „АБЦ.њуз“ од Тирана, Ментор Назарко, исто така, изјави: „Уставниот суд во С.Македонија со законот за јазиците се обидува да поништи едно од крупните права на Албанците, здобиено со Охридскиот договор. Овие случувања се вознемирувачки, бидејќи целта е ревидирање на правата на Албанците во * Македонија. Ова може многу да ја загрози стабилноста на иднината на таа земја, бидејќи ја зголемува ‘температурата’. Кога се зголемува температурата во една средина многу голема е можноста таа да се ‘запали’. Кога стануваат доминантни  етничките и меѓуетничките теми доминантни во јавниот живот на земјата и кога страните се палат во овој вид расправа, тогаш се создаваат основи за дестабилизација на * Македонија. Дотолку повеќе што е таа опкружена од држави, кои можат да имаат интерес да ја дестабилизираат, поради нејзиниот мултиетнички карактер. Србија е заинтересирана да ја дестабилизира,  Бугарија ги следи со внимание настаните таму, исто и Грција, но и Косово и Албанија. Албанија мора многу силно да се врати со своето влијание во * Македонија, бидејќи некој друг може да го заземе нејзиното место. Србија може да го земе, Косово може да го земе.“ – изјави Ментор Назарко во интервјуто за „АБЦ,њуз“ од Албанија,.

„Постои многу голема поделба меѓу двете албански страни во * Македонија. На тактички план сите коалиции меѓусебно се напаѓаат како предавници, кои прават компромиси на штета на националниот интерес. Тамошните албански партии бараат улога на Албанија, која мора силно да се врати. Но и Грција има свои интереси во оваа земја, не само поради историскиот карактер, туку и поради економскиот карактер. Грција е земја на ЕУ и строго ќе се придржува до договорите, Грција не става вето. Бугарија може да го направи тоа и може да се скрие зад нив. Ако е можно, Косово треба да се откаже од исклучувачкиот и разделувачкиот пристап кон албанскиот чинител во * Македонија. Во следните 6 месеци лидерите на цела Европа ќе се соберат во Албанија. Албанија мора да ја искористи оваа власт во свој интерес. “

Инаку, информации за интервјуто на Ментор Назарко веќе објавија информативниот портал „Алмакос“ во Македонија и весникот „Бота сот“ од Косово под наслов „Законот за јазици / Назарко: Албанија мора да се врати силно во * Македонија, а Косово да се откаже од исклучувачкиот пристап кон албанскиот чинител“.

ТВ Клан Македонија објави: „Политичката академија „Арбен Џафери“ во соработка со претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама на 10 декември во Тирана ќе го одбележи животот и делото на Арбен Џафери. На овој настан ќе учествуваат истакнати личности од албанската политика и албанскиот јавен живот, лидери на политичките партии од сите албански простори, пратеници и градоначалници на општини, како и публицисти, автори и познати претставници на светот на бизнисот.“

„Поранешните соработници на Арбен Џафери ќе ги расветлат клучните моменти од неговото раководење и политичката визија. Како политички лидер Џафери дадее незаменлив придонес во афирмирањето на правата на Албанците во * Македонија, во раководењето со војната во Косово, како и политичката криза во Албанија во текот на 90-тите години од минатиот век.“

„Комеморативната ноќ во Тирана ветува дека ќе биде момент на размислување и инспирација за новите генерации, враќајќи ги во колективната меморија вредностите и идеалите, кои Арбен Џафери ги остави зад себе како наследство за албанската нација.“