Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска замоли да им бидат дадени неколку дена на институциите за решавање на случајот со малолетникот и бојкотирањето на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“ укажувајќи дека на ваков начин се стигматизира детето во јавноста.
– Ве молам да дозволите неколку дена веќе работиме тимски. МОН, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваме проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки, посериозни активности и постапки коишто ќе бидат во корист на детето и решавањето на целиот случај, изјави министерката Јаневска пред почетокот на свечената заклетва на новите членови на Мировниот корпус.
И покрај инсистирањето на новинарите за детали во случајот, таа рече дека нема понатаму да дискутира за ученикот, барајќи време да се реши случајот.
– Неможе цела македонска јавност да го сигматизира детето. Дајте ни време, дајте ни извесен период, време ќе го решиме случајот, рече Јаневска.






