Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја добија рововската битка со Висла Плоцк во последното коло од Лигата на шампионите годинава, славејќи со 21:18 пред своите навивачи во салата „Боро Чурлевски“ и со втората победа сезонава си го отворија патот кон осминафиналето.



Пред продолжението на елитното клупско натпреварување на 13 февруари кај Спортинг во Лисабон македонскиот првак со 6 бода е на шестото место, последно што води во елиминациите, а зад него се Висла со 4 и Фредериција со 3.

До крајот на групната фаза на „зелено-белите“, покрај гостувањето во Португалија, ќе им преостанат и реваншите со Динамо Букурешт на 20 февруари во Битола, со Фуксе Берлин седум дена подоцна во Германија и со Пари Сен Жермен на 6 март на свој терен.

Никола Митревски ја спушти ролетната на голот на битолчани, откажувајќи ги противничките играчи со своите 13 одбрани со 45 проценти успешност, а капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен на средбата со 7 гола од 13 удари.