„Од македонска страна се гради, причините се во Бугарија“: Ќустендил бара автопат до Македонија во најбрз рок

Претседателите на сите општински совети во регионот на Ќустендил со заедничка декларација бараат брза изградба на европскиот транспортен коридор број 8, односно спојување на автопатот од Дупница до граничниот премин Ѓуешево на границата со Македонија, вознемирени од информациите дека југозападниот сосед сака да ги пренасочи европските фондови на други алтернативни рути.



„Од македонска страна автопатот се гради и ние тоа многу добро го гледаме. Не се гради на бугарска страна. Ние не бараме надворешнополитички причини. Сметаме дека причините се тука, во Бугарија. Бугарија, Советот на министри, Министерството за регионален развој и јавни работи треба да се фокусираат на овој коридор. Постои реален ризик парите да се изгубат и да се пренасочат во други трансевропски коридори“, изјави претседателот на Советот на Општина Дупница, Костадин Костадинов.

Декларацијата ќе биде испратена до претседателот Румен Радев, до Националното собрание, до Советот на министри (Владата – н.з.) и до други институции.

Општинските совети нагласуваат дека изградбата на Коридорот бр. 8 ќе има исклучително поволно влијание врз бизнисот во Ќустендилскиот регион.