Митева: Робусната акција во правосудството не е притисок врз судиите и обвинителите

Робусната акција во правосудството што ја најави премиерот Христијан Мицкоски, владината портпаролка Марија Митева вели дека не ја оценуваат како притисок кон судиите и обвинителите.



Конкретно, ставот на Владата што Митева денеска го сподели со медиумите беше одговор на прашањето дали вчерашната неотповиклива оставка на, сега веќе поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева и сè пожестоките критиките од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ кон државниот јавен обвинител, се дел од таа робусна акција и дали тоа може да ѝ донесе негативни поени на земјава.

„Негативните поени коишто ги имавме како држава доаѓаа од непостапувањето на правосудството во целина и од огромниот број на скандали коишто се случуваа таму. Она што значи информација за тоа дека ќе имаме навистина робусна борба против состојбите коишто ги има во делот на правосудството не го цениме како притисок“, рече Митева на денешната прес-конференција.

Таа, го повтори вчерашниот став на Владата, дека она што поранешната претседателка на Судскиот совет го изнесе во јавноста и нејзината оставка се најсоодветното нешто можело да се случи после сите скандали.