Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против 20-годишник, кој вчера се обидел да запали албанско знаме. Јавното обвинителството на Република Македонија информира дека постои основано сомнение оти тој сторил кривично дело – „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ според Кривичниот законик. „Осомничениот на 2 декември 2024 година во вечерните часови се обидел да запали албанско национално знаме. Бил забележан и спречен од полициски службеници, кои го привеле. Надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување притвор.“ – соопшти државното Обвинителство.
Случајот е забележан и во дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи, кое информира дека вчера во 23.10 часот на подрачјето на Центар во Скопје полициски службеници го лишиле од слобода К.К.(20) од Скопје. „Бил затекнат при обид со запалка да запали знаме. Знамето и запалката биле одземени, а тој бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.“ – соопшти МВР.





