„Славомакедонските властодршци и националисти сметаат дека законот за јазици и официјалната употреба на албанскиот јазик се во спротивност со уставот, бидејќи го нарушуваат унитарниот карактер на државата и ја претвораат во двојазична држава. Но, албанскиот јазик не е официјален ниту во внатрешната комуникација во * Македонија, ниту во нејзините меѓународни односи. Ним за право им дава и Венециската комисија со своето мислење, советувајќи дека ‘им се наметнуваат на институциите да спроведуваат јазични обврски, кои се нереални и скапи, за да се спроведат’. Венециската комисија им поставува парична цена на човечките права! И без правната поддршка на Венециската комисија толкувањето на Уставниот суд на * Македонија околу законот за јазиците и официјалноста на албанскиот јазик е можеби погрешно и лажно!“ – тврди Хусамедин Ферај, сегашен политички советник на косовскиот премиер Албин Курти, во својата обемна колумна со наслов „Амандманот 5 точка 1 и албанскиот јазик во * Македонија“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Ферај, поранешен универзитетски професор по политички науки, сега е близок соработник на косовскиот премиер Албин Курти и еден од неговите политички советници со најголемо влијание врз него. Ферај е едновремено и еден од идеолозите на владејачката косовска партија „Ветвендосје“ („Самопределување“). Имајќи ја предвид ваквата висока позиционираност на Хусамедин Ферај во официјалната косовска политика, се наметнува дилемата: критикувајќи ги македонскиот уставен суд и „славомакедонските властодршци и националисти“ во врска со (не)официјалноста на албанскиот јазик, но и самата Венециска комисија, дали со ваквите и други ставови во споменатата колумна Хусамедин Ферај одразува официјални ставови на Курти и партијата Ветвендосје, на која Курти ѝ е лидер? По одржувањето на заедничката седница на македонската и косовската влада на 18 ноември 2024 година во Приштина, зборувајќи за „загрозувањето на албанскиот јазик во Македонија“, како што тврдат ДУИ и другата албанска опозиција, кои побараа од Косово и Албанија „да го заштитат албанскиот јазик“, Албин Курти нагласи дека „не постои ниеден проблем во односите меѓу Косово и * Македонија“ и „албанскиот јазик не е под закана“, укажувајќи: „Нема, ниту имало во минатото употреба на албанскиот јазик во * Македонија, туку закон за јазиците на националностите на 20 отсто од жителите во земјата. Затоа не може да се каже дека албанскиот јазик во * Македонија е службен јазик и оти е сега под закана. Ова не е вистина. Сите треба да чекаме правична одлука на Уставниот суд во Македонија, која нема да направи ниту исклучување, ниту дискриминација, и која ќе го почитува повеќејазичниот карактер во Македонија, што постои несомнено.“ Дали споменатите ставови на Хусамедин Ферај одразуваат и најнов пресврт во ова, што го кажал неговиот политички и партиски шеф Курти? Употребувајќи тешки и недозволиви етнички навреди кон македонскиот народ со негово именување како „Славомакедонци“, дали Хусамедин Ферај изразува личен, индивидуален став, или можеби и позиција на косовскиот премиер Албин Курти и на тамошната косовска партија Ветвендосје?
Покрај другото, во својата колумна Ферај изнесува: Во македонскиот устав пишува: „На територијата на Македонија и во нејзините меѓународни односи официјален јазик е македонскиот јазик и неговата кирилска азбука.“ За да беше официјален и албанскиот јазик во уставот требаше да пишува: „На територијата на Македонија официјални јазици се македонскиот и албанскиот јазик со нивната соодветна азбука, македонската и албанската азбука.“ Но не е вака, па во уставот се продава илузија: „Друг јазик, што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните е, исто така, официјален јазик со својата азбука, како што е определено со овој член. Албанскиот јазик не е официјален ниту во внатрешната комуникација во * Македонија, ниту во нејзините меѓународни односи.
Славомакедонските властодршци и националисти сакаат да ја поништат и илузијата дека албанскиот јазик е официјален. Но, знаејќи дека не можат да владеат без Албанците, тие можеби ќе сакаат да ја зачуваат и оваа илузија. Толкувањето на славомакедонските националисти е дека законот за јазици е во спротивност со уставот бидејќи го нарушува унитарниот карактер на државата и ја прави двојазична држава. Побараа мислење од Венецијанската комисија и, во основа, им даде право! Не е чудно што владите, предводени од Славомакедонците, се придружуваат на ова толкување. Венециската комисија во своето мислење советуваше поништување на неколку членови од законот за јазици, „бидејќи законот оди многу далеку и им наметнува на јавните институции нереални обврски, посебно во судските постапки.“
Венециската комисија смета: „Наметнатите јазичните обврски се нерални и скапи, за да се спроведат.“ Венециската комисија им поставува парична цена на човечките права! Поништувањето на законот за јазиците ќе биде повод за револт на Албанците, бидејќи Славомакедонците во своето владеење ќе им одземат едно веќе здобиено право. Севкупно, и без правната поддршка на Венециската комисија толкувањето на Уставниот суд на * Македонија околу законот за јазиците и официјалноста на албанскиот јазик е правно неприкосновено, но тоа е можеби погрешно и лажно!
Новите албански сили и поколенија ќе треба да ја завршат обврската до крај: албанскиот јазик во * Македонија да биде вистински официјален јазик, со целосна уставно-правна сила, и рамноправен со македонскиот јазик.





