„Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се геноцидни: овозможуваат идентитетски геноцид на Македонците. Идентитетскиот геноцид е чекор повеќе од културниот геноцид, тој подразбира целосно поништување на сите духовни, национални и културни атрибути на еден народ – бришење на еден народ. Трагедијата на македонскиот народ е тоа што владите на Македонија упорно и здружно ја поддржуваат намерата за идентитетски геноцид на македонскиот народ. Треба да се каже јасно и отворено: започнувањето на преговорите со ЕУ без поништување на договорите со Грција и со Бугарија значи дека започнува да се остварува намерата за идентитетски геноцид над македонскиот народ. Првиот чекор во третирањето на колективната траума е поништување на Договорот со Бугарија, што ќе овозможи да почне процесот на заздравување, ќе овозможи ослободување на човечките потенцијали, заробени од траумата, и ќе предизвика научен, културен, политички и економски раст на Македонија.“ – нагласува академик Љупчо Коцарев од Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Идентитетски геноцид“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Коцарев пишува: За македонскиот народ битисувањето е македонизмот, македонството. Освен физичката и духовната смрт, во 21 век во Европа, светот се соочи со постоење и на идентитетска смрт, бидејќи не може да се зборува за идентитетска смрт на поединец, со постоење на идентитетски геноцид на еден народ. Идентитетскиот геноцид е разделба на народот од неговиот идентитет. Духовната смрт се поистоветува со идентитетскиот геноцид.
Што е идентитетски геноцид? Терминот „културен геноцид“ е опишан од полскиот адвокат Рафаел Лемкин во 1944 година во книгата „Владеење на оската во окупирана Европа“, во која тој го воведе терминот геноцид, меѓутоа, во „Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид“ на ОН од 1948 година тој термин не е вклучен. Музејот на ерменскиот геноцид го дефинира културниот геноцид како „акти и мерки преземени за уништување на културата на нациите или етничките групи преку духовно, национално и културно уништување“.
Идентитетскиот геноцид е чекор повеќе од културниот геноцид, тој подразбира целосно поништување на сите духовни, национални и културни белези на еден народ – бришење на еден народ. Tерминот „колективен идентитет“ вклучува културен идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозен идентитет, национален идентитет – белезите на македонскиот наратив. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се геноцидни: овозможуваат идентитетски геноцид на Македонците.
Во „Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“ (1948 година), се наведуваат пет „дела извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, како и „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилно ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја и предизвикуваат сериозни ментални повреди: „меѓугенерациска колективна траума“ (Елеонора Серафимовска, Маријана Марковиќ) или „идентитетска траума“. За тоа ќе пишувам во наредниот саботен број на „Нова Македонија.
Сите сериозни умствени повреди предизвикуваат и сериозни телесни повреди: излишно е прашањето дали во Македонија е извршен геноцид (културен, етнички, идентитетски или само геноцид) – ние ја знаеме вистината и бевме, а и сѐ уште сме сведоци на извршениот геноцид. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се дела што го прават токму тоа: целосно бришење на постоењето на македонскиот народ. Притоа би сакал да подвлечам една клучна карактеристика на идентитетскиот геноцид: голем број геноциди во 20 и 21 век – геноцидот над Ерменците, холокаустот, геноцидот во Руанда, геноцидот во Сребреница и геноцидот на Палестинците – сите пројавуваат делумно уништување на еден народ. За идентитетскиот геноцид тоа е неможно: идентитетскиот геноцид подразбира целосно уништување на еден народ.
Трагедијата на македонскиот народ е тоа што владите на Македонија упорно и здружно ја поддржуваат намерата за идентитетски геноцид на македонскиот народ. Треба да се каже јасно и отворено: започнувањето на преговорите со ЕУ без поништување на договорите со Грција и со Бугарија значи дека започнува да се остварува намерата за идентитетски геноцид над македонскиот народ.
Свеста за физичката смрт може да нè поттикне да го бараме значењето на нашето живеење. Свеста за идентитетскиот геноцид не треба да нè поттикне да го бараме значењето на нашето постоење: значењето на нашето постоење недвосмислено е македонството – зачувување на македонскиот идентитет. Всушност, парафразирајќи го Блаже Конески, името Македонија е „нашата единствена татковина“. Оттука, првиот чекор во третирањето на колективната траума е поништување на Договорот со Бугарија, што ќе овозможи да почне процесот на заздравување, ќе овозможи ослободување на човечките потенцијали, заробени од траумата, и ќе предизвика научен, културен, политички и економски раст на Македонија.





