Демократската унија за интеграција остро ја осуди полициската интервенција преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во Република Македонија.
„Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција“, велат од ДУИ.
Од ДУИ, истовремено, го осудија индивидуалниот чин на палење на државното знаме но велат дека тоа билоо реакција на несоодветната интервенција на полицијата.
„Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживотност и взаемна почит“,м велат од ДУИ.
Интегративците тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ и одредени други политички сили се обидуваат да ги злоупотребат овие инциденти за да изградат лажна нарација која го криминализира секој став на Албанците.
„Оваа тенденција да се претстават Албанците како носители на криминални агенди претставува напад врз идентитетот и достоинството на Албанците и обид за прикривање на коруптивната агенда на овие структури“, реагираат од ДУИ.
„Ги повикуваме институциите да дејствуваат со зрелост, професионалност и непристрасност, без разлика, и обезбедувајќи ги правата на граѓаните слободно да го изразуваат својот идентитет и култура. Воедно, ги повикуваме албанските граѓани, како и сите граѓани на *Македонија, да ја задржат смиреноста, достоинството и единството, и да не подлегнуваат на провокации и манипулации на оние кои имаат цел да создадат поделби и дестабилизација“ соопштија од ДУИ.
Оттаму велат партијата останува „посветена на заштитата на правата и интересите на Албанците, придонесувајќи за европска иднина на Република Северна Македонија, каде што правдата, транспарентноста и еднаквоста ќе бидат основни вредности на нашето општество“.






