Колку младината е финансиски писмена?!

Потребна ни е сериозна едукација и обуки, оти младината е речиси неписмена што се однесува до управувањето со сопствените пари, кои ги трошиме на се и сешто. Ова за МРТ1 го изјави Никита Крстевски, кој е средношколец во гимназијата „Васил Антевски Дрен“. Според него, ако не посветиме повеќе внимание на себе, тешко дека може да се просперира понатаму.



Последните анализи покажуваат дека младите не се во состојба да направат ниту едноставна одлука во секојдневната потрошувачка, па многу лесно посегнуваат по брзи кредити кои дополнително ги осиромашуваат граѓаните.

Ниското ниво на финансиска писменост во Македонија може многу да го чини едно просечно домаќинство, оти парите кои им ги даваат на децата ги трошат безцелно, коментираат родителите.

И од Народната банка алармираат дека на државата сериозно и се потребни финансиски писмени луѓе. Главниот економист Анета Крстевска, вели дека постојано се прават обуки и работилници. Експертската фела вели дека податоците се загрижувачки и постои сериозен дефицит од финансиски писмени млади, кои тешко можат да одговорат на предизвиците кои се составен дел од економијата на секоја земја.

Според Народната банка, задолженоста на граѓаните кај банките достигна 3,9 милијарди евра. Само во октимври, тие по основ на потрошувачки кредити подигнале над 2 милијарди евра.