Се работи со полна пареа како никогаш до сега. Ќе се асфалтира и во зима автопатот до Охрид, а од скоро и рехабилитација на превојот Пресека. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, рече дека сите села пред Охрид ќе имаат алтернативен пат за поврзување меѓу селата, експропријациите се завршени, а автопатот ќе се заврши до крајот на 2026 година. Николоски е дециден дека ќе се асфалтира и во зима.

Продолжува градежната офанзива на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и првиот човек на ЈПДП, Коце Трајановски. Николоски вели дека ваквите проекти се историски, а Трајановски додава дека асфалтирањето во зимно време е со додаден адитив и може да се асфалтира и на минусни температури. Тој вели дека ваквата експанзија се случува за првпат по 50 години.
- „Имаме голема мобилизација за изградба на автопатот и тоа со околу 300 машини и околу 600 вработени кои секојдневно работат на трасата. Денеска промовираме асфалтирање во зимски услови и на минусни температури се со цел да ја забрзаме изградбата и да ги достигнеме роковите што си ги зададовме. Тоа е до почетокот на летната сезона да пуштиме за сообраќај околу 40 километри од Врбјани до Охрид со еден мал прекин кај Ботун, а до крај на 2026 година да го изградиме целиот автопат“, рече Николоски.

Градоначалникот на Охрид Пецаков најави дека изградбата на автопатот е од огромно значење за развојот на туризмот и ќе овозможи поврзување од Охрид до главниот град. Изградбата на автопатот Охрид Кичево започна во февруари 2014 година.
Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски истакна дека интензивно се работи на санација на косините и на завршување на процесот на експропријација.
- „Наследивме огромни проблеми, но макотрпно работиме да ги решаваме еден по еден и очекувам дека до крај на 2026 година ќе го завршиме овој автопат”, рече Трајановски.

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево, делница во должина од 57 километри, започна во февруари 2014-та. Првиот рок беше дека ќе биде готова за четири години.
Педесет и седумте километри автопат требаше да чинат 374 милиони евра и да бидат завршени за околу четири години. Но, изградбата беше пролонгирана до јуни 2021 година, а кинеската компанија „Синохидро“ доби нов рок и дополнителни пари што се искачија на околу 598 милиони евра. Следниот рок беше 2023 година, но и тој беше пробиен.





