Се прават последните пресметки за новата цена на струјата за домаќинствата и компаниите. На берза цената варира. Само за еден месец е покачена за над 200%. Ако продолжи овој тренд, индустријата може да се збогува од сегашните цени. Операторот на пазарот на струја МЕМО побарал поскапување за 80%, но од Регулаторна велат дека сегашните пресметки се неприфатливи, бидејќи биле високи. И првиот човек на Регулаторна, Бислимовски смета дека во моментов состојбите со цената на електричната енергија се стабилизираа. Него го радува дека фјучерсите за цела 2025 година се околу 115 евра за мегаватчас електрична енергија.

„Трошковно ако ги анализираме цените на електрична енергија и на природен гас не би требало да има никакви проблеми затоа што во сите земји особено во регионов драстично е зголемено производството на електрична енергија од обновливи извори.“, рече Бислимовски во изјава за МРТ1.
Ќе направиме се струјата да нѐ поскапи, вели премиерот. Максимумот што може да се случи е 3% раст во третиот и четвртиот блок, а во првите два блока да нема никакво покачување, се надева Мицкоски.
„Ќе направиме се да ја оптимираме и да нема покачување на цената на електричната енергија ниту до тие три проценти, ако мора да се покачи во некој од блоковите оние повисоките во трети четврти блок, можеби таму би имало некакво интервенирање“, рече Мицкоски.

Енергетските експерти велат дека се ќе зависи од светските берзи, каде цената дивее, па во некои денови надминуваа и 400 евра за мегават час. Константин Димитров вели дека ако власта успее да издејствува мал процент раст, ќе биде одлично.
„Aко Владата успее да издејствува поскапување од само 2 до 3% како што кажа, тоа ќе биде нешто историски најдобро и секоја чест, зашто цената цело време варира и оди само на горе“, рече Димитров во изјава за МРТ1.
Деновиве ЕСМ треба да достави нова понуда на универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ, од која најмногу ќе зависи каква ќе биде цената за граѓаните. Инаку, новата цена на електричната енергија граѓаните ќе ја дознаат кон крајот на декември, а ќе почне да важи од 1. јануари 2025 година.





