Мицкоски: Ќе направиме сè за струјата да не поскапи

Ќе се бориме до последно да нема ниту 3-процентно покачување на цената на струјата од 1 јануари. Максимумот што може да се случи е да има покачување на цената од 3 проценти во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот блок, каде што се најголемиот број од потрошувачите, да нема никакво покачување, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски



– Се бориме грчевито, додаде, бидејќи тоа што го наследивме во АД ЕСМ е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран и финансиската полиција и МВР и други институции се бават со тоа што се правело многу години наназад и многу скоро од денеска ќе се излезе со јасна информација, порача Мицкоски.

Најави дека ќе се оптимизира производство кое што зависи од АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ. 

-Приходите во АД ЕСМ не се само од продажбата на електрична енергија која што оди кон АД ЕВН, тука се и системските услуги кон МЕПСО. Знаеме од прилика колкави се приходите и оперативните расходи. Ценам дека ќе направиме се да ги оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија ниту до тие 3 проценти. Ако мора да се покачи во некои од блоковите, можеби би имало некакво интервенирање во третиот и четвртиот, прецизира Мицкоски.