„Ова нешто што се случи со Македонија во последните седум години никој не знае како да го нарече. Деспотизам? Мек државен удар? Хибриден режим? Политички апсурд? Само еден збор има моќ да го опише седумгодишното владеење на Заев и неговите ‘државотворни’, овој срамен период на нашата историја: предавство на нашата нација. Сега кога гледаме како изгледа крајот на социјалдемократите и пустошот, што го оставија зад себе, јасен е обемот на кршењето на суверената волја на македонскиот народ. Во Македонија се случи предавство на националните интереси. Ги продадоа името, историјата, културата и јазикот на македонскиот народ. Рацете на политичарите, што го направија тоа, се сериозно извалкани. Време е да ја платат цената за ова, што го сторија!“ – нагласува универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Валканите раце на политиката во Македонија – време за наплата“, која ја објави информативната агенција „Нетпрес“.
Покрај другото, Јанкуловски пишува: Ова што им го направија овие политичари на државата и македонскиот народ не може со ништо да се оправда, најмалку дека дејствувале во јавен интерес. Тие како претходна власт се пазареа со националните интереси до рамниште на национално предавство.
Со години се обидуваат да ми наметнат свест дека граѓаните имаат подеднакво извалкани раце во контекст на промената на името и договорот за добрососедство со Бугарија. Ваквата морална поделба на одговорноста за извалканите раце не може да биде прифатлива во случајот на предавството на националните интереси, што ја направи претходната политичка гарнитура, затоа што таа никогаш не беше вистински претставник на волјата на македонскиот народ. Нивната валкана работа не може да биде и наша.
Треба да ги принудиме овие политичари со валкани раце да ја платат цената за нивните погрешни постапки. Не можам да го прифатам она, што го направија Заев, Никола Димитров и нивната политичка гарнитура, зашто во нивното политичко дејствување имаше се, но немаше воопшто морал. Овие политичари, ниту Заев ниту Димитров, не добија одобрение од македонскиот народ да го менуваат името на државата и да се пазарат за историјата, културата и јазикот со Бугарија.
Без наплата на цената за националното предавство прифаќаме дека овие политичари си ги извалкале рацете во наш интерес, со што не прават соучесници во нивното неморално дело. Затоа е време да почнеме да размислуваме за наплата. Без ова нема да го прочистиме општеството од злото, што му го нанесоа, и ќе продолжиме да живееме во Македонија, морално загадена од нивните политички акции. Во такво општество јас не сакам и не можам да живеам. А, вие?





