И покрај тоа што Владата на Зоран Заев неодамна ја смени од шефица на групата за пријателство со Македонија во Европски парламент, која таа ја основа во 2016 година, хрватската европратеничка Маријана Петир продолжи да лобира за македонските интереси во оваа институција во Брисел.



„Граѓаните на Македонија ја губат довербата во ЕУ“, ги предупреди Петир колегите европарламентарци на седницата на Поткомитет за безбедност и одбрана, на која се направи размена на мислења со претставници на Европска комисија и на Европска служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) за стратешката комуникација на ЕУ спрема земјите од Западен Балкан.

Потсетувајќи дека Република Македонија повеќе од десет години чека датум за почеток на преговорите, иако ги исполни сите услови за тоа, пријателката на Македонија констатира дека причината за негативната репутација на ЕУ во Македонија не е неинформираноста на граѓаните за неа, туку односот на ЕУ кон нивната земја.

„Граѓаните на Македонија и тоа како добро знаат што им порачува ЕУ во текот на тие десет години, а таа порака не е ниту добра, ниту позитивна. Вистинското прашање е како да се врати довербата на граѓаните на Македонија во ЕУ, бидејќи е видливо дека ЕУ во случајот на Македонија користеше двојни стандарди, дека едно билатерално прашање го постави на прво место и на тој начин го запре европскиот пат на Македонија, а со тоа и благосостојбата на нејзините граѓани“, рече таа во Европски парламент.

Петир ги предупреди претсатвниците на ЕК и на ЕЕАС, како и другите европарламентарци, дека од нејзината директна комуникација со македонските граѓани е јасно оти тие сметаат дека се врши притисок врз Македонија за промена на името. Токму тој притисок, нагласи таа, како активностите што битно влијаат на промената на идентитетот на државата, се проблем додека ЕУ тоа молчешкум го набљудува и смета оти тоа е дел од европскиот пат на Македонија.

„Вистинското прашање е можат ли граѓаните на Македонија навистина да имаат доверба во таквата политика на ЕУ?“, праша Петир.